Македонија ќе користи словенечки искуства за езерскиот, а, пред сè, за развој на спа и вeлнес туризмот. Соработката е договорена на 10. состанок на Мешовитиот комитет за соработа меѓу Македонија и Словенија што вчера и денеска се одржа во Скопје.
Група словенечки инвеститори во делот на хотелиерството треба денеска да пристигнат во Скопје, а утре да престојуваат во охридскиот регион каде ќе им бидат презентирани можни локациии за изградба на хотели.
Соработка веќе има и во делот на спа-туризмот, особено со Термооливија, сопственикот на еден од најголемите спа-центри на Балканот. Тие развија концепт за проект во Македонија, а од нив се побарани и искуства што се користат во нашиот концепт за развој на спа и на велнес-туризмот. Од неодамна во собраниска процедура се и измените на Законот за минерални суровини со кои ќе се дозволи делливост на концесиите за термоминерални води со цел да се стимулираат инвестиции во спа и велнес туризмот.
Во рамките на состанокот, заменик-министерот за економија Христијан Делев и директорот на Директоратот за економска дипломатија во Министерството за надворешни работи во Република Словенија, Станислав Рашчан потпишаа протокол за стопанска соработка меѓу двете земји.
– Во последниве три години соработката меѓу Македонија и Словенија не беше многу на задоволително ниво, но при крајот на минатата и на почетокот на годинава има знаци на подобрување, особено во делот на извозот на македонски производи на словенечкиот пазар – изјави Делев по потпишувањето на протоколот.
Тој нагласи дека во изминатите два дена разговарале за соработката во делот на инфраструктурата, енергетиката и на обновливите извори на енергија, при што бил презентиран новиот повик за изградба на мали хидроелектрани во Македонија, како и проектите за изградба на хидроелектраните Чебрен и Галиште и за гасификација на земјава. – Стана збор и за туризмот во кој е добродојдено словенечкото искуство како лидер во регионот во развојот на езерскиот и спа и велнес туризмот. Годинава заеднички ќе спроведеме проект преку УНИДО за езерскиот, руралниот и за спа-туризмот – рече Делев.
Рашчан изрази надеж дека нема да бидат потребни нови десет години за состанок на Мешовитата меѓувладина комисија и дека 11. состанок ќе се случи идната година во Словенија.
– Резултатски не сме на нивото на кое би требало да бидеме, но податоците во 2013 година покажуваат дека стоковата размена меѓу двете земји е на ниво од речиси 200 милиони евра. При тоа има импресивен резултат од македонската страна со 45 отсто повеќе извоз во Словенија. Сепак и ние сме задоволни, бидејќи имаме зголемување на нашиот извоз во Македонија за 12 отсто – рече Рашчан.
Тоа, како што нагласи, покажува дека излегуваме од кризата.
– Бележиме одлични резултати и на полето на туризмот и инвестициите. Имаме преку 10.000 туристи од едната во другата земја, Словенија е четврти инвеститор во Македонија, но очекуваме да се зголемат и македонските инвестиции кај нас. Сакаме да има повеќе македонски земјоделски производи на словенечкиот пазар зашто тредиционално се познати како добри и здрави поради што не е потребно да се прават некои посебни промоции – прецизира Рашчан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Конференција за спа туризам и туристичка берза во Скопје
-
180.000 туристи блокирани: До најпопуларните грчки острови денеска нема одење, прашање е кога ќе може
-
Македонското сценарио и во Словенија: Јанша го врати мандатот, не може да состави влада
-
Туристите збунети, Грците се изгубија во преводот на таблите (Фото)