| четврток, 6 декември 2018 |

Расте бројот на заболени од грип во Македонија

грип

Во текот на петтата недела од 2014 година (од 27 јануари до 2 февруари) во Република Македонија се евидентирани 2.350 новозаболени од грип, што во однос на претходната недела претставува зголемување за 12,4 отсто, соопшти Институтот за јавно здравје.

Во споредба со бројот на заболени во петтата недела од минатата сезона (2.190), се бележи зголемување за 7,3 отсто, а во однос на епидемискиот праг (просечниот број на заболени за оваа иста недела во изминатиот 10-годишен период, кој изнесува 1.738), се регистрира зголемување за 35,2 отсто.

Вкупниот број заболени од грип од почетокот на сезоната 2013/2014 (40 недела, 2013) заклучно со петтата недела од 2014 година, изнесува 7.778 (МБ 37,8/10.000). Во овој период регистрирани се два смртни случаи, асоцирани со инфекција со вирусот на грип.

Во споредба со истиот период минатата година (5.664 заболени), има зголемување на вкупниот број пријавени случаи за 37,3 отсто, а во однос на просекот за 10-годишниот период (6.566) се регистрира зголемување за 18,5 отсто.

Во јануари пријавени се најголем број на случаи со симптоми на грип – 6.801 или 87,4 отсто од вкупниот број на заболени во целата сезона 2013/2014. Во декември регистрирани се 606 случаи или 7,8 отсто. Најголем број заболени во оваа сезона се регистрирани на територијата на ЦЈЗ Велес /ПЕ Кавадарци – 1.360 и ЦЈЗ Скопје – 1.154 заболени, а најголем МБ (315,2/10.000) е регистриран во ПЕ Кавадарци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top