| четврток, 6 декември 2018 |

Апостолов: Правиме проекти што ги подобруваат условите за живот на граѓаните во Неготино

vanco-apostolov

Градоначалникот на општина Неготино, Ванчо Апостолов, денеска информираше за реализираните проекти во Неготино, како и за сè што како проектна активност следува во тековнава година.

– Во Неготино интензивно течат работите од капиталниот проект што го спроведуваме  со поддршка на Владата на Република Македонија за решавање на деценискиот проблем – водоснабдувањето – рече Апостолов.

Активностите течат преку паралелна реализација на неколку проекти, при што со обезбедени средства од германската КФВ банка во тек е замената на постојните со нови 2.600 автоматизирани водомери, по што ќе следува реконструкција на повеќе од 60 години старата и дотраена водоводна мрежа кај која е констатирана загуба на водата за пиење и до 70 проценти од количините што доаѓаат од регионалниот водовод.

За таа цел се изработени проекти за замена на водоводната мрежа на вкупно 16 улици во градот со должина од 8.000 метри, како и проект за изградба на нов резервоар од 500 кубни метри со трипати поголем капацитет за акумулирање вода веднаш до постојниот.

– Наша крајна цел преку реализацијата на сите овие проекти е долгорочно да го решиме проблемот со недостигот од квалитетна вода за пиење, а редукциите да станат минато за граѓаните на Неготино – истакна Апостолов.

Иако локалната самоуправа нема директни ингеренции во делот на вработувањето, благодарение на одличната соработка со Владата на Република Македонија околу 700 неготинци се вработија во германскиот гигант „Дрекслер-Маер“ со тенденција овој број во иднина континуирано да се зголемува, а тоа, пак, резултира со рекордно ниско ниво на невработеност во општината со само околу 1.000 невработени од кои една третина се пасивни баратели на работа.

Следејќи ја владината политика за стимулирање на наталитетот, меѓу првите во Македонија Општина Неготино ја донесе и веќе пет месеци ја спроведува во практика одлуката за доделување еднократна финансиска поддршка од 7.000 денари за секое новородено дете, а се субвенционираат и дел од комуналните сметки на домаќинства кои се корисници на право на социјална помош.

Исто така, извршени се реконструкции на улици, изградба на спортски сали и игралишта.

– Правиме напори за обезбедување средства за реставрација и за ревитализација на Саат-кулата во градот, отворање  туристичко биро, како и спроведување на голем број други проекти преку чијашто реализација ќе придонесеме за подобрување на вкупните услови за живеење на сите граѓани на општина Неготино – посочи неготинскиот градоначалник.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top