| четврток, 6 декември 2018 |

Каракамишева-Јовановска: СДСМ стана заложник на сопствената политичка кујна

Tanja-Karakamiseva-analiza

СДСМ уценуваше и условуваше за предвремени избори, а сега се плаши од истите. И по смената на своето раководство, опозициската партија не застанува ниту зад сопствените барања и ставови, пишува порталот „Курир“.

Додека СДСМ пред точно една година притискаше и молеше за предвремени парламентарни избори, сега најголемата опозициска партија се исплаши од можноста да се одржат предвремени избори заедно со претседателските.

Колку СДСМ тогаш посакуваше предвремени избори, условуваше и уценуваше за нив, говори и податокот што околу 100 лица симпатизери на СДСМ заиграа дури и оро пред штабот на партијата поради тоа што Бранко Црвенковски успеал да договори предвремени избори заедно со претседателските.

За експертите таквото однесување на СДСМ воопшто не е неочекувано, со оглед на фактот дека вакво однесување манифестирале и неколку пати досега.

Професор д-р Тања Каракамишева-Јовановска во изјава за „Курир“ вели дека за партијата на Зоран Заев поимот утврден став е мисловна именка.

– Ретерирањето во политичките одлуки и движењето од една во друга крајност се клучни елементи и своевидни обележја на владеењето на СДСМ веќе подолг временски период.  Кај оваа партија поимот политичка конзистентност, како и утврден став за одредено прашање се мисловни именки. Оттука, воопшто не треба да не зачудува фактот дека и по однос на прашањето за предвремени парламентарни избори, кои патем речено се дел од мартовскиот договор за кој тие беа најгласни, имаат контрадикторни ставови и размислувања – вели професорката.

Во изјавата за „Курир“, таа истакнува дека СДСМ стана заложник на сопствената политичка кујна.

– Се чини дека СДСМ стана заложник на сопствената политичка кујна чијшто главен готвач од заднина ги измеша рецептите и сега мака мачи како да го среди тој хаос и како да ги врати работите во колосек кој ќе биде прифатен како нормален. Политичката дезориентираност во СДСМ е веќе толку очигледна што главните политички актери во таа партија ќе мораат час поскоро и многу сериозно да се зафатат кон нејзина санација, а во интерес, пред сѐ, на македонската демократија – истакна Каракамишева-Јовановска за „Курир“.

СДСМ во февруари 2013 година играше победничко оро за исполнување на нивната желба, предвремени избори, а сега, во февруари 2014 година, бега како ѓавол од темјан кога станува сѐ поизвесно одржувањето на тие предвремени избори кои социјалдемократите толку ги посакуваа, заедно со претседателските избори, впрочем како и што самите бараа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top