
Колумнист: Мојсо Мојсовски
Во времињата на скоро олимписко натпреварување кај нас, кој, кога, кој прв, кој кон кого бил свртен, дали на исток или на север, куриозитет е кога некоја значајна манифестација, установа или стопански објект ќе прославува јубилеј од основањето и од постоењето. Скопскиот саем слави 60 години од првата саемска манифестација во главниот град. Јубилеј што тешко се достигнува, а камоли да се одбележува.
Скромната стопанска изложба беше значајна по тоа што се одржуваше на три локации – во НАМА, Женската гимназија и во Учителската школа. На саем се одеше, главно, фамилијарно. Влезниците што се состоеја од три талони беа во џебот на патер фамилијас, строг и костумосан, мајката беше куклосана во најновиот фустан, а децата убаво зачешлани, во нови алифчиња и со задолжителни бели доколенки, таканаречени спортски чорапи. Многу такви пригодни дружини се движеа на задолжителната релација Плоштад, Официрски, Женска, Илинденска, Учителска.
Во гимназијата покрај Вардар со грандиозна зграда во која завршија генерации скопјани, нови возбудувања, но најголеми беа земјоделските машини изложени во дворот. Трактори, приколки, комбајни, прскалки и други непознати достигнувања на младата југословенска индустрија. Кој беше поербап се искачуваше на трактор и гордо се обидуваше да го сврти масивниот волан, детска работа…
Посетата на саемот завршуваше во Дебар маало, во зградата на Учителската школа, некогашна турска Идадија, во која предвоените учители во српско се подготвувале за учителствување, едно од поглавните занимања во секое здраво и организирано општество. Таму беше круната на саемот, чинам. А и како не! Изложба на прехранбена стока. Тогаш првпат видовме супа во кесичка. Чудо невидено, како да гледавме во некој сателит, а уште кога ја пробавме течноста со вкус на петел, супата долго ја викавме петлечка поради сликата на петел на производот од „Подравка“, по лиценца на „Кнор“, можеби купена со парите од македонскиот тутун, ама кој можел и да го помисли тоа. „Краш“ не извади од памет со наполитанките и со чоколадата со минијатурна големина. Во Скопје пред земјотресот под Кале, по угледот на Белградскиот саем имаше и хала со сферен покрив што се урна утрото на 26 јули. Саемот беше на една локација со побогат асортиман на стока – евидентен беше напредокот на државата. Саеми долго се одржуваа под Калето, во халата еден имаше и спортски манифестации и други културни збиднувања, избори на мис, а ја гледавме и равијата на лизгалки Париз на мраз, на пример.
Шаховските Олимписки игри му донесоа на градот нов атрактивен простор што по одржувањето на светскиот собир на шахистите стана Сајмиште на просторот на некогашната воена болница во Карадак маало.
Саемот го слави јубилејот на оваа локација. Негови сопственици се Словенци, па сега е друго време, важно да има саеми.
(објавено во 13. број на неделникот „Република“, 30.11.2012)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


