Во пријателски ракометен натпревар во СРЦ „Кале“ РК Вардар го победи моќниот тим на Веспрем со 30-28.
Со десеткуван состав без дури четворица клучни играчи „црвено-црните“ одлично и парираа на најдобрата екипа од првиот дел од Лигата на шампионите. Веспрем по седум кола е без пораз. За вардарци поради повреди не можеа да настапат Растворцев, Душебаев, Карачиќ и Лазаров.
Сепак со борбена игра во сите 60 минути и со многу комбинации во нападот избраниците на Раул Гонзалес покажаа карактер да се справат со играчи како што се Наѓ, Угалде, Алиловиќ…
Почетокот на натпреварот им припадна на гостите од Унгарија. Го контролираа резултатот се до 15 минута кога со серијата на голови на денеска фантастичниот Тимур Дибиров Вардар го презема водството кое до полувремето изнесуваше и три голови разлика. Сепак Веспрем до одморот го намали резулататот и на паузата отиде со само минус од еден гол (15-14).
Во вториот дел Веспрем заигра поангажирано во одбраната и дојде до предност од три гола благодарејќи на головите на Ласло Наѓ кој успешно стрелаше кон голот вардарци. Во последните 10 минути тренерот на Вардар Гонзалес направи неколку измени каде Дибиров мораше да настапи и како бек. Во таа улога одлично се снајде и успешно асистираше до своите играчи кои лесно го наоѓаа голот на противникот. Вардар направи пресврт во резулатот и со головите на Абутовиќ во финишот успеа да си ја обезбеди победата.
Дибиров постигна 10 голови, а Брумен шест од кои четири од пенал.
Веспрем на оваа мини турнеја во Македонија утре во 19 часот во Автокоманда ќе одигра уште еден пријателски натпревар овојпат со Металург.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


