| четврток, 6 декември 2018 |

Компаративност 1

adrapo-sparai-90x115

Колумнист:
Ацо Станковски

Колку што компаративноста е конструктивна, толку е и деструктивна. А ова не се мои зборови, туку зборови на една колку фасцинантна, толку и фатална личност. Секако, овие персони, кои нè одушевуваат, а воедно и нè фрлаат во длабоко преиспитување на самите себе, кое често завршува со разочарувачки, па и поразни консеквенции, се, всушност, нашите животни учители, на кои оваа тешка, а напати и ужасна задача им е доверена дирекно од провидението. Но, како и да е, ако без поголемо самољубие ја прифатиме неминовноста, тогаш од сите овие борби со светот и со самите себе ќе извлечеме некоја поука, која во натамошните конфронтации со нашата несвесност, со страстите што демнат и во нас, и надвор од нас и со самата небиднина, што виси над главите наши како Дамокловиот меч, ќе извлечеме некој мал, можеби и само симболичен бенефит, но, и покрај сè, доволно голем за да сфатиме колку сме ништожни во однос на вистината, која постојано ја унижуваат нашата несогледлива амбициозност и суета.

Без компаративноста човек многу лесно ќе западне во еден вид психолошка изолација, во која ќе воспостави ригиден однос кон сето тоа што, на некој начин, е во состојба да го загрози неговиот интелектуален аутизам. Вакви примери има многу на нашата културна сцена, неизлечливо западната во еден празен и мизерен малограѓански амбиент. Псевдоинтелектуалноста на задоцнетиот констернирачки необољшевизам, што така вехементно го вознесуваат паланечките квазиреволуционери, дрски и раскрвавени во целото свое незнаење и плиткост, вооружени со цитати, преземани од корифеите на современата спекулативност, кои здушно ги дисперзираат своите претпоставки, стравови и треперења, во никогаш неразјаснетата комплексност и загадочност на постоењето, се последната аргументација, последниот остров на надежта, на кој нивната неинвентивност и неукост треба да преживее. Но, не само да преживее, оттаму тие треба да се рашират низ системот на влијание, од таа база на илузорноста да нападнат кон петрифицираните убедувања на плепсот, за да, како што велат самите – ја одработат големата агенда за освојување на душите и срцата на граѓанството, а потоа со вешто спинување на новокомпонираната реалност, и да завладеат со системот.

Банални и дегутантни се нивните цели, да се завладее со репресивните системи, со финансиите и со идеолошката машинерија на хипнотизмот, која во иднина ќе им даде монопол врз вистината и маса други погодности. Со овие механизми тие ќе се инсталираат на многу долг рок, сега веќе знаат како – си мислат, по толку долго гниење во опозициските казамати на свеста. Сега тие го имаат неопходното искуство по толку години инфериорност, кога конечно ќе ја зграбат власта, ќе знаат сè што треба да се направи, за таа доживотно да остане во нивни раце, ако треба, и живи луѓе ќе јадат, само веќе ова понижување на обезвластената беда да не се трпи. Та нели, тие се избраните, тие – Елитата, тие што ја создадоа државава, за Македонија да се разбуди од вековниот ропски сон како перспективна и просперитетна колонија на југословенската комунистичка утопија. Тие, Избраните, што владееја повеќе од пола век со народите на Македонија и кои знаеја како да се справат со класниот и идеолошкиот непријател, да елиминираат и малтретираат кога треба, а и да наградат таму каде тоа е потребно, пред сè апологетите на системот со кој владееја и, секако, кодошите, без чија пожртвувана борба и несебични заложби нивната власт, нивната неспоредлива по умот и визиите владејачка елита, би била многустрано загрозена. И сето тоа во една компаративна релација со комунистичките системи, кои никнуваа од сталинистичката нива на тоталитаризмот како печурки по дождот, во најразлични варијанти, од најромантичните, како оној на Куба, до најдраконските, како оној на Пол Пот и Црвените Kмери, или овој, што така дрско се разгаштил во Северна Кореја, правејќи од нејзините граѓани мали зелени мајмуни што маршираат во безумни и идиотизирани перспективи.

Денес идеолошките и генетските наследници на македонската комунистичко-тоталитаристичка елита и нивните лакеи, мотивирани од финансискиот бенефит немаат ништо заедничко со идеологијата на нивните предци и ментори од минатото. Тие денес се капиталисти и империјалисти и се понизни слуги на нивниот историски непријател, кој се претставува како „меѓународната заедница“. Значи, и последните паравани на нивното затскривање паднаа, маските на идеолошката, и било која доследност, се симнати. Остана само нивната страст за владеење и нивниот бес, кој, кога се во опозиција, го нарекуваат „револуционерен набој“.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top