| четврток, 6 декември 2018 |

Волчко од Волстрит

galijana-184x168

Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)

Краткиов омаж за Скорсезевиот Волфи ја допушта оваа симпатична игра со зборови: кога зборот „wall“ ќе го транскрибирате на кирилично писмо, наместо ѕид, го добивате името на едно животно, вол… коешто инаку на англиски се совпаѓа со презимето на убавата Сандра – bullock…ненамерно

dicaprio-wolf-of-wallstreet

„Волкот од Волстрит“ (The Wolf of Wall Street) – последното остварување на Мартин Скорсезе, со Леонардо ди Каприо во главната машка улога. Со неочекувани количества хумор, филмот ве фаќа неподготвени за лесен развој на тешкото сценарио. Од материјал што во поголемиот број случаи природно знае да заскита во мрачниот амбис на трагедијата, филмот успева да направи солидна комедија. Иако на моменти забегува во клишеата на одамна познатите холивудски стории, режијата со вешти лупинзи и мајсторски трикови успева да ги заобиколи, и на старите теми да им ја даде свежината на актуелниот дух на времето.

Мартин, и покрај сè, останува доследен на својот препознатлив стил во пристапот и изборот на темите, во кои обично се психологизира уличниот живот, Американците со италијанско потекло, а главниот машки лик речиси по правило е со проблематичен карактер, параноичен и несигурен во себе… Негови најпознати филмови се „Таксист“, „Улиците на злото“, „Разулавениот бик“, „Покојни“… негов е и мјузиклот „Њујорк, Њујорк“, а уште од седумдесетите години негов омилен актер е Роберт де Ниро.

Филмов е богат со т.н. „F“ зборови и е на самиот врв на листата филмови со густо ткаење на безобразлуци. Експлицитните секс-сцени, како и сцените со користење дрога се исечени или скратени во зависност од различните пазари, возрасни групи и време на прикажување. А, ги има во изобилие. 2,83 во една минута. Вкупно 506 избројале уредниците, што за добро однесување, што за лицемерие.

Филмот може да се гледа и како метафора за сега веќе распаднатиот американски сон, во кој ако сте млад, талентиран и амбициозен, вие сте во земјата на „можностите“ и можете да го остварите сонот со леснотија, а на крај и да ги продадете правата за снимање филм. Тоа е животната приказна на Џордан Белфорд, брокер од познатата Волстрит во Њујорк. Реален лик во филмски простор ем време.

 

Вулфи

Концепциски, филмот има сличен скелет како „Очи широко затворени“ на Кјубрик… Растргнат меѓу пцостите и гламурот на она што со себе го носи моќта на бизнисот, Волчко сурфа ту на бранот на етиката, па на естетиката, и најмногу на оној за кој Американците се цареви, без оглед дали со италијанско, шпанско или друго потекло – забавата. Играта, пародијата, танцот, глумата, циркусот воопшто.

Елегантните проститутки, како и широката палета фармацевтски препарати за промена на свеста и расположението, не се ништо ново – да се сетиме само на хитот „Секс, дроги и рокенрол“ – движењето за сексуалното ослободување од шеесетите, вклучително со сите потправци за легализација на наркотичните средства. Предисторијат на тоа би било времето на прохибицијата во 20-тите и во 30-тите години на минатиот век, и битката за легализација на алкохолот. На крај, сето тоа зипувано во „Коса“ на Милош Форман, 1979 година.

Дали Скорсезе отишол предалеку во приказот на „гламурозниот“ живот на „богатите“. Во што, по ѓаволите, се состоеше тој гламур? Има многу луѓе што го живеат тој гламур тивко и без многу врева, и никому ништо. Така наречената аристократија. Тие од секогаш живееле во изолиран свет, речиси свет по себе и за себе, и остатокот од светот е навикнат да не ја осудува таквата општествена структура, било во социјален било во политички контекст.

А, што се случува со новопечените богаташи? Тие што на своја рака ќе успеат да ја пробијат шифрата на сефот и од него да црпат колку им се сака и може? Под еден: тие самите пропаѓаат во вителот на сопствената немоќ да ја контролираат моќта што доаѓа од парите; и под 2 – веднаш им се пушта загарот наречен ФБИ (во американските филмови), којшто загарантирано ќе пронајде некој криминоген фактор што на скороевецот ќе му ја обезбеди брзата пропаст…

Доколку гледачот нема сопствено искуство за животот што е насликан на филмското платно, лесно може да се наведе на погрешна трага, и тој наскоро, со валканата вода, да го фрли и бебето: и да рече, ете, овој брокеров е зол, не му е гајле за сите оние што ги мамеше по телефон и на нивна сметка натрупа богатство коешто потоа лесно му дојде до главата. Заклучок – како во бајките што ни ги читале пред спиење како деца – не е добро да се биде богат. Дури и во земја како Америка! Од каде сега тоа наеднаш? Па, нели се работи за ленд оф опортјунити?

Со други зборови – филмот изобилува со двосмислени пораки, дури на мигови провејува и дух на пародија во некои сцени кога режисерот си игра со веќе толку истрошените контексти на она што се вика мафија, уличен ментален склоп, бандитство. Како шпил карти, Скорсезе ги меша контекстите и на моменти е тешко да се направи процена за тоа кои се добрите, а кои лошите момци во градот бидејќи сите некако му се потчинети на клишето наречено трка за подобар живот, опстанок или што и да е, само што некој е скалило погоре или подолу во однос на своето конто во банка. А, кога паричникот е во прашање, се појавува едно големо суперего коешто ќе ти исчепка не само раска во окото, туку и трупец, и греда и сè што оди во пакет со алчноста, похотата и слично, коишто ќе бидат причина за грижа на совест, вина и на крај – сиромаштија.

Има една многу суптилна замка во овие холивудски „погледи на светот“, коишто по дифолт го завлекуваат гледачот во погрешна кривина: демек, еден обичен смртник со просечна плата за преживување, како би можел – 1) воопшто да се поистовети со главниот лик, а 2) и ако се поистовети, тој автоматски или ќе се згрози од тоа каде водат парите – „нашиот балкански потсвесен код а ла парите се отепувачка – или ќе се стави во улога на судија и ќе го доосуди главниот лик на доживотна робија затоа што бил лошо момче.

Притоа, нема опција под 3. Ќе се поистовети и ќе го поддржи како карактер? Тоа е опасно бидејќи на хоризонтот нејасно, но, сепак, се исцртува контурата на недозволивата перверзија на воајерството, што во суштина и е гледањето филм, па каков и да е тој. Тешко е да се биде набљудувач без претензии за осудување.

Години наназад американската продукциска стратегија како со далечинско управува со креирањето на етичките норми не само на новиот континент, туку и пошироко. Новите „просветители“ и дистрибутери на демократските инсталации коишто почнаа да ги иритираат интелектуалците во својата земја уште со првиот поход на Виетнам не така далечната 1967 година, денес на големо ја тресат берзата, управуваат со цената на нафтата, го контролираат интернетот… и прават добри филмови во меѓувреме. Самиот Скорсезе во 1967 го сними култниот „Големото бричење“, во знак на протест…

„Вулфи“, секако, мора да се гледа. Но, не заборавајте, што ќе мислите откако ќе излезете од киносалата зависи од филмот, а не од вас!
П.С.

Од друга страна, загрижувачки е што во нашава земја нема еден таков пункт каде што би можеле да дознаете нешто повеќе за седмата уметност, за сè што во себе вклучува една филмска индустрија, во која на крајот, или на опашката, се наоѓа и филмската критика. Професионална, објективна и едукативна. Што ќе ја ажурира филмската публика и ќе ѝ помага во стекнувањето вкус и осет за добар филм. Оваа критика би требало да биде компетентна за давање оценки за одреден филм. Којзнае, да имавме барем еден или двајца такви, можеби ќе можеа да избоксуваат годинава и Македонија да се појави на трката за „Оскар“ (за странски филм)? Наместо тоа, тие што се на такви места, издејствуваа тоа да се спречи!!!

Приказнава почнува да личи на македонскиот ајвар. Тоа што ја испуштивме шансата да истрчаме со едно вонсериско, свежо и извонредно уметничко достигнување како што е „Соба со пијано“ (според минатонеделната оценка на хрватското списание Ролингстоун, филмот во режија на Иванов е рангиран во топ 10 најдобри филмови за 2013!), не е ништо ново за нашиот менталитет на пизма, завист и љубомора, којшто секако треба да научиме да го ставаме во фиока во мигови кога станува збор за меѓународни натпревари од национален интерес? Можеби не е доцна?

Во секој случај, стратегијата за в година се прави лани, а не в година… Ја прави ли некој за домашниот филм? Чиј ќе биде брендот на крај?

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top