Извештајот на Европскиот парламент нема обврзувачки карактер, особено не за земја што сѐ уште не е членка, но тој има сериозни реперкусии за идниот имиџ на Македонија во европското милје. Во случајов, доколку во него не стоеше придавката македонски, а земјата беше прикажана како општество во кое вирее и се толерира ултранационализмот, Грчките и Бугарските ултранационалисти, но и официјални претставници, ќе добиеја аргумент што, едноставно, не може да биде побиен. Во некоја идна дебата, како ќе одговори кој било македонски претставник на аргументот дека во официјален извештај на влијателниот Европски парламент фигурираме како ултранационалисти?
Но, иако на прв поглед може да се помисли дека зад промената на однесувањето на Ховит стојат грчки и бугарски дипломатски и финансиски структури, сепак анализа на одредени регионални состојби и договори може да нѐ одведе во сосема друг правец, кој не е толку неочекуван доколку се знаат релациите и актерите вклучени во процесот.
Двојазичноста, изоставањето на придавката македонски и ултранационализмот им одговараат и на Атина и на Софија во нивните обиди да нѐ претстават како единствената причина за злата енергија во регионот, но има уште еден блок кому му одговара оваа ситуација. И албанскиот фактор во земјава и во регионот би бил екстремно задоволен доколку на меѓународно ниво се признае дека Македонците се ултранационалисти, а впечатокот во европските кругови ќе биде таков доколку некогаш помине идејата на Ховит. Се разбира, никој нема да помисли дека албанското малцинство може да се однесува „ултранационално“ со „злобните“ Македонци, кои ете се во војна со сите наоколу, па и со своите сограѓани Албанци. Не треба да се анализира посебно што значи барањето за двојазичност на цела територија на земјата во обидите на одредени радикални структури во албанскиот блок, но и кај умерените албански структури што немаат ништо против федерализација на земјата.
И тука се отвора главното прашање, како дојде до промена на расположението на британскиот социјалист Ховит. Се разбира, тешко е да се тврди што било за него, особено затоа што се работи за политичар што има сериозен статус на чесен и принципиелен пратеник, кој досега немал никакви црни дамки зад себе. Уште помалку може да се зборува за некаква корупција поврзана со неговото однесување во врска со Македонија. Тоа што е можно во моментов е да се забележи улогата што ја имаат во регионов, пред сѐ во албанскиот блок, видни претставници на британските лабуристи, од каде што доаѓа и Ховит.
Да не заборавиме, поранешниот британски премиер Тони Блер е советник на албанскиот премиер Еди Рама. Обврската на Британецот, кој заработува и по 30.000 фунти за еден час предавање, е да ја поттурне албанската евроинтеграција. Што друго треба да испорача Блер не е прецизирано, но досега не е објавено дека ќе работи и на цели поврзани со Албанците во регионот, туку само за државата Албанија. Блер лани се појави на неколку часа и во Македонија, но тогаш беше повикан и платен од мултимилијардерот Субрата Рој, а не од македонската држава.
Британски советници поврзани со лабуристите има и во Косово. Во Приштина е сместен тим на стручњаци за односи со јавноста под координација на најпознатиот светски „доктор за извртување“ или стручњак за односи со јавноста, Алистер Кемпбел, кој во 2011 година, по нарачка на Хашим Тачи, подготви комуникациска стратегија за владата во Приштина. Тој документ, според британските извори, се однесувал на комуникацијата со јавноста поврзана со Србија, но никој не исклучува дека тимот на Кемпбел работи и на други прашања од сеалбански интерес.
Во Македонија минатата година неколку новинари и стручњаци споменуваа дека советникот на Тони Блер, кој има огромна заслуга за неговото десетгодишно владеење во Британија, е најмен од Социјалдемократскиот сојуз, но во јавноста не излегоа конкретни информации за негов ангажман од македонската опозиција. Тоа што се знае со сигурност е дека единствениот контакт што социјалдемократите го имаа со Алистер Кемпбел беше за време на еднодневниот семинар во организација на Маркетиншката агенција и агенција за односи со јавноста „Елемент ПР“ во октомври 2011 година. Тогаш во една од групите учесници што работеа на „Анализа на случај на ребрендирање на ’ЕПЛ‘“ по повод смртта на основачот Стив Џоб, беа и пратениците на СДСМ Наташа Савова и Гордан Георгиев.
Во бизнисот со меѓународно лобирање во светот и во регионот се вртат милијарди евра. Се разбира, албанската и косовската влада не можат да се мерат со катарскиот шеик, кој задоволството да го организира Светското првенство во фудбал го чинело десетици, можеби стотици милиони долари, но, во секој случај, како и другите граѓани во регионот и албанските даночни обврзници ангажманот на Блер и на Кемпбел ги чини милиони. Вам ви останува да процените дали Албанците во Албанија и во Косово, кога веќе даваат милиони евра за односи со јавноста и за лобирање, нема да им помогнат и на своите браќа во Македонија во остварување на своите барања. Тоа што Тони Блер, Алистер Кемпбел и Ричард Ховит се Британци и лабуристи не мора да значи ништо конкретно.
Ховит не бил свесен што направил
Според македонски дипломатски извори, Ховит не бил веднаш свесен каква беља направил со двата дела во резолуцијата – за двојазичноста и за ултранационализмот!
Иако потоа е прифатен амандман во кој стои дека соочувањето со ултранационализмот се однесува на сите земји, тој пред македонските дипломати немал одговор зошто тој стои во резолуцијата за Македонија? Ховит немал конкретен одговор, толкувањето било дека тоа била најдобронамерна забелешка, која би требало да се однесува на сите, на што од македонската страна добил забелешка дека „патот до пеколот е поплочен со добри намери!“
Во однос на двојазичноста, најголемиот аргумент на Ховит бил дека „така му сугерирале“ други европратеници, не посочувајќи кои. Ова, според него, е добро компромисно решение, со тоа што по текстот „младите да го изучуваат јазикот на другиот“е додадено „на незадолжителна основа“.
Притоа Ховит смета дека во првиот параграф каде што стои барањето Македонија да почне преговорите („ЕП го повторува своето барање до Европскиот совет да одреди датум за почеток на преговори без натамошно одложување“) нема никаква јадица на која би се фатиле Грција или Бугарија затоа што во него не е наведено – кога ќе се исполнат условите или некоја слична таква формула.
(објавено во 73. број на неделникот „Република“, 24.01.2014)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.