Досега се потпишани финансиски спогодби во вредност од 564 милиони евра, а процентот на потпишани договори во однос на склучени спогодби изнесува 37,3 проценти заклучно со 31 декември 2012 година.
Ова го соопшти вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими, кој на заедничката прес-конференција со евроамбасадорот Аиво Орав го презентира статусот на спроведувањето на ИПА 2007-2013 година.
Компаративната анализа на ЕК за искористеноста на ИПА во регионот за 2012 година покажува дека Македонија е на нивото со Хрватска и со Турција.
Според Бесими, оцените се дека може многу повеќе да се направи по однос на подобрување на искористеноста на ИПА и за таа цел од минатата година се установени редовни координации на неделна основа меѓу структурите на ИПА во институциите и делегацијата на ЕУ, а еднаш месечно се информира Владата за статусот на спроведување на проектите. Реализирани се 50 обуки и обучени се 583 државни службеници.
Амбасадорот Аиво Орав на новинарско прашање истакна дека нема манипулација во бројките за искористеноста на средства од ИПА, кои се теоретски пари, односно алоцирани средства. Според него, тоа е резултат на сложената процедура на нивно користење и не верува дека тие може да се апсорбираат стопроцентно.
– Од наша страна ние се обидуваме да ви помогнеме да ги искористите овие пари 100 проценти. Идеално би било доколку овие пари би се искористиле така што граѓаните во државата чувствуваат дека земјата е сѐ поблиску до ЕУ. Секако дека има проблеми и не е лесно да се соочите со средствата на ИПА. Процедурите се комплексни затоа што станува збор за многу пари и секојпат мора да бидеме внимателни, да гарантираме дека тие пари се добро искористени – рече Орав, подвлекувајќи дека се потребни подобра координација и комуникација на структурите на ИПА.
– Не помага ако се менуваат пребрзо луѓето што работат во тие структури – вели Орав.
Во меѓувреме, Владата и ЕК работат на утврдување на програмата за искористување нови 600 милиони евра од ИПА 2014-2020 година, кои ќе бидат наменети за техничка поддршка и инвестициски проекти во согласност со евроинтегративниот процес.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Министерството за финансии: Неосновани се обвинувањата на СДСМ, се работи за СВОТ анализа
-
Миноски: Проектите кои се реализираат со ИПА средства продолжуваат со иста динамика
-
Влада на РМ: Не се работи за санкции, намалени се програмираните средства од ИПА
-
Во подготовка проект за развој на туризмот со средства од ИПА