Не се работи за санкции, туку за намалување на програмирани средства, се наведува во реакцијата од владината прес-служба по одлуката на Европската Комисија за намалување на средства од ИПА фондовите за Македонија. Со мотивите и целите на одлуката, истакнуваат, најдобро е запознат органот кој ја донел таа одлука. Има, како што наведуваат, два аспекта: внатрешен и надворешен.
– Внатрешниот е поврзан со фактот дека повеќе од една година лебдеше спроведување на избори. Во тој период институциите беа политички хендикепирани преку блокирачки механизми во неколку клучни министерства, вклучително и Министерството за финансии. Најголемата опозициска партија своето учество во владата не го искористи за зголемување на довербата во избирачкиот процес, како што е предвидено со договорот. Сосема спротивно, фокусот го стави на блокирање на институциите и правење што поголема штета за државата, се вели во реакцијата.
Надворешниот аспект, додаваат, пак е поврзан со искуствата на ЕК во претходните процеси на проширување, каде масовно се финансираа инфраструктурни и други проекти преку пристапни или структурни фондови во нововлезени земји. Ефикасноста во тие трошења предизвика многу аларми. Како последица, со новите инструменти за пристапна помош предвидени се повеќе рестрикции, кои ги ограничуваат обемот и областите на прилив на европски фондови, согласно тековните планирања, трошења и приоритети. Согласно поуките од минатите грешки во проширувањето со други земји, денес приливот на средства е многу порестриктивен, соопштуваат од владината прес-служба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.