| четврток, 6 декември 2018 |

Димовски: Како Шекеринска наплатува за станот 5.317 евра кирија и живее во него?

dimovski

ВМРО -ДПМНЕ бара од Радмила Шекеринска да даде прецизни одговори во врска со нејзиниот стан од кој остварува месечна кирија од 5.317 евра. Според владејачката партија, потпретседателката на СДСМ вчера не само што не успеа да ја убеди јавноста дека во случајот нема ништо скандалозно, туку таа дополнително се заплетка себеси и нејзиниот сопруг.

–       Ние не сме сигурни дека таа беше свесна што, всушност, кажа. Радмила Шекеринска вчера ни кажа дека таа и нејзиниот сопруг добиваат 5.317 евра за кирија од фирмата во која работи нејзиниот сопруг за стан кој е во нивна сопственост и во кој живеат. Кирија наплаќаат за сопствен стан заради тоа што самите живеат во него. Замислете да живеше Шекеринска во туѓ стан. Колкава кирија ќе наплаќаа? 10.000 евра? 15.000 евра -праша Илија Димовски на денешната прес-конференција.

ВМРО-ДПМНЕ во исто време прашува која е пазарната логика и пазарната цена за изнајмување стан во Скопје, па макар тој бил и екстраголем, како оној на Шекеринска од 178 квадратни метри, па да биде изнајмен за цели 5.317 евра месечно? Таква висока кирија во Скопје за стан, па и за куќа не постои. Ова е најскапата кирија што може да се сретне во целата држава. Како е дојдено до оваа цена? Врз основа на кои параметри? Зошто фирмата во која работи нејзиниот сопруг би плаќала 5 317 евра месечно кога за ист таков стан може да плаќа не повеќе од 800 евра? „Дајнерс“ е профитна фирма или добротворно друштво задолжено за луксузниот живот на госпоѓа Шекеринска?

Второ, како е возможно сами да издавате сопствен стан за да живеете во него? Каде го има тоа? Кој друг човек во оваа држава го издава сопствениот стан, наплаќа енормно голема кирија, за сам да живее во него? Радмила Шеkеринска мисли дека сега сите граѓани треба да ѝ веруваат. По нејзината логика, секој човек што има сопствен стан треба да наплаќа кирија од фирмата каде што работи заради тоа што живее во сопствениот стан.

Трето, со киријата која ја наплаќаат за овој стан, тие, всушност, за три години и четири месеци ја добиваат сумата која ја платиле за да го купат овој стан. Нема пазарна логика. Ова госпоѓо Шеkеринска не врви. Вакви приходи не се остваруваат ниту од бунар за нафта, а не па од издавање стан на самиот себеси.

Би сакале да потенцираме дека сумата која семејството на Шекеринска ја добива само по овој основ е неразумно висока и незамислива за кој било граѓанин на оваа држава. Шекеринска добива 63.811 евра или 10.716 денари дневно. Значи, семејството на Радмила Шекеринска има дневен, повторувам дневен приход од 10.716 денари само по овој основ. За кирија на сопствен стан во кои сами живеат.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска побараа Шекеринска да одговори на следниве прашања:

Каков е договорот за кирија? Дали јавноста ќе го добие на увид? Дали договорот има пазарна логика или претставува покритие за друг вид приход кој Шекеринска треба да го оствари? Зошто не изнајмуваат стан од кој било друг граѓанин на Скопје, туку мора сопствениот стан да си го издаваат на самите себе? На која сума плаќаат данок? Колку години овој стан е издаден на самите себе? Колку вкупно приходи оствариле по овој основ, знаејќи дека киријата што ја наплаќаат за една година е 63.811 евра, за две години е 127.622, за три е 191.433, а за четири години е енормни 255.244 евра…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top