Најбараниот американски бегалец Едвард Сноуден во интервју за германскиот „АРД“ канал тврди дека НСА се впуштила во распространето шпионирање во индустријата и дека ги прислушкува сите држави, но и дека има основан сомнеж дека Американците го сакаат мртов, пренесува А1Он.
Интервјуто кое што го направи германскиот новинар Хуберт Зеипл е снимено во хотелска соба во Москва.
Најновите тврдења дека НСА била ангажирана и во индустриската шпионажа, дури и со европските сојузници, најверојатно ќе им создаде проблеми на САД да ја вратат довербата кај пријателските држави.
Сноуден кој што во Русија претстојува како азилант, ја допре темата и за заканите кои што ги добива и предупреди дека можеби се прислушкувани и други светски лидери во текот на нивните приватни разговори.
Тој повтори дека поради јавното добро ја разоткрил американската шпионажа.
-Постои интервју со официјални лица од Пентагон и НСА, на еден американска портал. Им беше обезбедена анонимност, така што можеа да кажат што сакаат. Рекоа дека сакаат да ме убијат. Тие луѓе, официјални лица од владата, рекоа дека би пукале во мојата глава или дека би ме отруле – вели Сноуден.
Тој истакна дека се плаши дека и покрај тоа што откри милиони документи, ништо нема да се смени. Но и дека во светот се водат дискусии за позицијата на НСА и дека претседателот Барак Обама бил принуден да даде јавно појаснување, за злоупотребата со собирање податоци.
Edward Snowden’s First Television Interview (ARD/Germany) from LeakSourceNews on Vimeo.
-Од неговото обраќање јасно се гледа дека сака да направи минимални измени за да ја сочува власта. Формира комитет на официјални лица, но во суштина сите тие мислат дека програмите на НСА се безвредни и дека не го спречија нападот на Кулите близначки, а дека се злоупотребува системот за собирање лични податоци на граѓаните. Даноците ги плаќаме за да функционира НС, а програмите се безвредни – истакна триесетгодишниот Сноуден.
Според него НСА е исклучиво во раце на претседателот на државата и дека тој во било кој момент може да иницира промени.
-Клучен момент беше кога видов како директорот на НСА, Џејмс Клепер го лаже Конгресот под заклетва. Сфатив дека нема спас за тајната служба која мисли дека може да ја лаже јавноста и законодавецот, кои му веруваат и ги регулираат неговите постапки. Тогаш сфатив дека нема назад – раскажува поранешниот агент на ЦИА и НСА.
Инаку НСА не е само тема, туку и сојуз за соработка помеѓу разузнавачките агенции, познат како „Пет очи“.
-Сојузот „Пет очи“ е формира по Втората светска војна, кога големите сили на англиското говорно подрачје стапија во меѓусебна соработка на разузнавачките сили. Тоа се GCHQ од Велика Британија, NSA од САД, C-Sec од Канада, SID од Австралија и Новозеландскиот DSD- заклучува Сноуден.
Тој додаде дека НСА може да прочита секоја порака, да го следи сообраќајот преку трансфер, да дознава шифри и лозинки на секој човек и на крај да создаде досие познато како „отпечаток на прсти“.
-Тоа е една мрежа на податоци за поединец. Без оглед каде и да одите НСА ќе ве пронајде по вашите основни податоци кои ги собрала. И секој има право од официјалните лица и вработените во НСА да го користи овој инструмент за шпионажа-наведе Сноуден.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.