| четврток, 6 декември 2018 |

Најдобрите студентски плакати вечерва на изложба во Њујорк

Во Културниот центар на Македонија во Њујорк (Галерија МК) вечерва ќе биде отворена изложба на најдобрите 50 студентски плакати кои беа финалисти на конкурсите „Скопјепостер“ на Здружението на графички дизајнери „Плакарт“ од 2008 до 2012 година. Педесетте постери се трудови на студенти од цел свет кои беа избрани за најдобри од 10.000 апликации на годишните конкурси. Нивни теми беа: „Толеранција-глобален предизвик“ (2008), „Моќ наспроти сиромаштија“ (2009), Екологика (2010), „ХИВ/СИДА“ (2011) и „Пари бесплатно“ (2012).

Од 50-те постери што ќе бидат изложени во Њујорк, 15 добија највисоко признание (три награди во секоја од петте години), а останатите 35 се издвоени како почесни дела. Автори на наградените трудови се дизајнери од Израел, Полска, Иран, Кина, Турција, Белорусија, Мексико, САД и од Македонија.

– Изложбата е иницијатива која произлезе сосема природно по пет години од „Скопјепостер“ како урбан дизајнерски проект со меѓународен карактер. По Париз, Истанбул и Варшава, Њујорк е вистинско место за уште еднаш да ја одбележиме шестгодишната приказна на фестивалот „Скопјепостер“ – изјави Лазе Трипков од „Плакарт“.

Поставката „50 финалисти на Скопјепостер“ е патувачка и во Њујорк ќе остане до 30 јануари. Потоа ќе биде изложена во Минск, Дубаи и во Прага.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top