На Интернационалниот театарски фестивал што го организира Македонскиот народен театар (МНТ), „МНТ фест“ ќе биде отворена изложбата на плакати за претстави што ги изработил младиот уметник Сергеј Светозарев, инаку одговорен за маркетинг во Театар Комедија. Ова е прва самостојна изложба на Светозарев, но важно е да се истакне тоа што неколку негови плакати се дел од светската едиција „Презентирајќи го Шекспир“. По повод 450 години од раѓањето на Шекспир се случија многу настани што го слават раѓањето на најголемиот драмски автор, а една од нив е издавањето на монографијата „Презентирајќи го Шекспир“ (Presenting Shakespeare), која својата промоција ќе ја има во Њујорк. Светозарев како автор ќе биде застапен со четири плакати, и тоа за претставите „Многу врева за ништо“, „Отело“ и „Битола Шекспир фестивал“ 2013 и 2014 година. Освен со изработка на плакати, тој се занимава и со видеоанимации и со тридимензионални мапи за претстави, а во септември ја чека премиерата на претставата „Господар на кукавицата“ во Театар Комедија, за која ја изработува сценографијата.
На „МНТ фест“, кој е во тек, ќе има изложба на плакати за претстави што си ги изработил. Дали е ова твоја прва самостојна изложба на плакати?
СВЕТОЗАРЕВ: Ова е моја прва изложба на плакати создавани за театарски претстави низ речиси сите театри во Македонија. Плакат за една претстава претставува нејзиниот визуелен идентитет, нејзин визуелен печат. Велат дека е најтешко да се раскаже една приказна во една реченица, а плакатот е токму тоа – визуелен пандан на една реченица и воопшто не е едноставно точно да ја определиш претставата во една слика. Се разбира, сето ова оди во координација со режисерот и со управата на театарот бидејќи, сепак, тоа е дел од маркетингот на една претстава. Драго ми е што сум можел да соработувам со многу режисери и театри и така да го градам својот визуелен идентитет и што по 10 години (првиот плакат го направив кога имав 14 години за претставата „Животот на провинцискиот плејбој“ во режија на Владимир Талески) можам да кажам дека сум направил повеќе од 70 театарски плакати во речиси сите театарски куќи во Македонија.
Неколку твои плакати се дел од светската едиција „Презентирајќи го Шекспир“ (Presenting Shakespeare), која треба да излезе наскоро. Како дојде до оваа соработка?
СВЕТОЗАРЕВ: По повод 450 години од раѓањето на Шекспир се случија многу настани што го славеа раѓањето на најголемиот драмски автор. Еден од тие настани е издавањето на монографијата „Презентирајќи го Шекспир“ (Presenting Shakespeare), која својата промоција ќе ја има во Њујорк. Тие имаа отворен повик на кој се пријавив и неколку од моите плакати влегоа рамо до рамо со театарски плакати од театри низ целиот свет и за мене тоа претставува огромна чест и задоволство. Еден од трите автори на книгата е Стивен Хелер – човек што 33 години бил креативен директор во „Њујорк тајмс“. По издавањето на едицијата, во Њујорк ќе следува и изложба на сите плакати што се наоѓаат во неа. Јас како автор ќе бидам застапен со четири плакати и тоа за претставите „Многу врева за ништо”, „Отело” и „Битола Шекспир фестивал“ 2013 и 2014 година.
За колку претстави досега си изработил плакати и зошто Шекспир е посебно интригантен?
СВЕТОЗАРЕВ: Досега сум направил околу 70 плакати за театарски претстави, и секој од нив носи своја приказна, во зависност од текстот, концептот на режисерот и досетливоста на маркетингот во театрите. Доколку ги пребројам плакатите, најверојатно, ќе излезе дека најмногу од нив биле создадени за претстави на тема Шекспир. Тоа е така затоа што Шекспир е вечен, секогаш актуелен, секогаш во духот на времето во кое живееме, еве веќе 450 години. Тој зборува за вечните теми и проблеми на човекот, секогаш длабок и опширен во својот замав и секогаш најинтересен за поставување. Вечна инспирација за визуализација и преточување во слика што ќе зборува со илјада зборови.
Освен со изработка на плакати, се занимаваш и со изработка на видеоанимации и со тридимензионални мапи за претстави. Дали е возможно во брзо време театарската јавност да ја види и твојата прва сценографија?
СВЕТОЗАРЕВ: Јас се карактеризирам себеси за човек што безусловно прифаќа секаков вид креативни предизвици. Така, досега во неколку наврати сум правел 3Д мапи и видеодизајн за претстави – и тоа токму поради желбата секогаш да работам нешто ново. Пред речиси три години во Театар Комедија ја направив првата 3д мапа за претставата „Женидба“ од Гогољ во режија на Дејан Пројковски – кој воедно беше првпат 3д мапа да е дел од некоја претстава во македонска продукција. Што се однесува до мојата прва сценографија,– тоа треба да се случи наскоро, веќе во септември во Театар Комедија. Текстот е на Венко Андоновски и се вика „Господарот на кукавицата“, а режисер е Андреј Цветановски – исклучителен другар, човек и режисер – човекот што ме избра да бидам дел од креативниот тим, и повторно Театар Комедија е местото каде што ќе ја направам мојата прва сценографија.
Твојот татко е познатиот сценограф Валентин Светозарев. На што те научи тој и кој совет најмногу го практикуваш?
СВЕТОЗАРЕВ: Мојот најголем критичар во животот, човек без влакна на јазикот е татко ми – без разлика дали се работи за професионален или за приватен план. Токму поради тоа што и тој се занимава со креативна работа – секогаш се советувам со него за што и да работам, што не значи дека секогаш го прифаќам неговиот совет. Кога имаш таков татко и другар, пред сѐ, кој е голем дел од твоето секојдневие, многу е тешко да издвоиш еден совет бидејќи потсвесно тој станува дел од тоа каков сум јас како личност. Ако, сепак, треба да споменам едно нешто што ми има останато в глава, тоа е мојата зачуденост кога имав 15-16 години и кога прочитав едно негово интервју во кое на прашањето: „Зошто се занимавате со сценографија“ неговиот одговор беше: „Работам за еден ден да бидам добар“, а во тој момент зад себе имаше 10-годишна успешна театарска кариера. Веројатно тоа што тој сакал да го каже, а јас го разбрав по долго време – беше тоа дека без разлика на искуството и на багажот што го носи секој човек во својата професија – треба секоја наредна работа да се работи со максимална посветеност и љубов, како да ти е прва.
Одговорен си за маркетингот во Театар Комедија. Најмладиот театар со, можеби, најмлад колектив има одлична посетеност, многу премиери, акции, се организираа и изложби… како е да се работи во тој амбиент?
СВЕТОЗАРЕВ: Во Театар Комедија почнав со работа пред една година, благодарение на храброста на директорката Јелена Жугиќ, која за свои соработници избира млади луѓе, за што сум ѝ бескрајно благодарен. Благодат е да се работи во таква атмосфера, каде што си опкружен со млади и со максимално амбициозни луѓе. Не сакам да звучи клише, но навистина со одреден дел од колегите сме како семејство. Постои една мисла од кинескиот филозоф Конфучиј, која вели: „Најдете ја работата што, навистина, ја сакате, и никогаш нема да треба да работите до крајот на животот“ – што за мене е совршениот опис за тоа како се чувствувам јас во Театар Комедија. Театарот за мене е многу повеќе од професија – тоа е начин на живот. Едноставно – се будите и живеете со театарот. Театар Комедија постои само три години и досега сме имале 12 премиери, изиграни се 270 претстави, а сме имале повеќе од 80.000 посетители, а тоа нѐ прави најпосетениот театар во државава – со што само се потврдува и оправдува постоењето на жанровски определен театар.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Приватна архива
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Бурен аплауз за претставата „Сон на летната ноќ“ на Андреј Цветановски на „Битола шекспир фестивал“
-
Tеатарски спектакли на петтото издание на „Битола Шекспир фестивал“
-
„Отело“ на Турски театар и „Симбелин“ на театарот „Иван Радоев“ од Бугарија на „Битола Шекспир фестивал“
-
Вечерва се отвора јубилејното издание на „Битола Шекспир фестивал“