| четврток, 6 декември 2018 |

Во тек се конкурсите за манифестацијата „100 илјади поети за промена“

Манифестацијата „100 илјади поети за промена“ ги распиша двата официјални конкурса за поезија и за изработка на постер/плакат, кој ќе биде застапен на групната изложба, која е дел од самото фестивалско читање, кое ќе се одржи на 26 септември во Струмица…

Манифестацијата „100 000 поети за промена“, во соработка со здружението „Контекст – Струмица“ распишa поетски конкурс за овогодинашното издание на Фестивалот. Поезијата со која ќе може да конкурираат автори од сите генерации треба да биде социјално ангажирана и да разработува теми кои се поврзани со промените, глобално, но и локално.

Секој автор може да учествува со по една песна. Песните треба да се испраќаат на профилот на „Фејсбук“ на оваа манифестација или на poetizapromena@gmail.com најдоцна до 15 септември 2015 година, по што ќе бидат разгледани од комисијата што ја одредува организацискиот одбор на манифестацијата и здружението и потоа селектираните автори ќе бидат застапени во зборникот „100 илјади поети за промена“ – Македонија, што ќе биде издаден како склоп од оваа манифестација.

Манифестацијата „100.000 поети за промена“, во соработка со здружението „Контекст – Струмица“ распишува конкурс и за дизајнерско решение на постери/плакати кои ќе бидат дел од групна изложба во рамки на фестивалот, а тематски можат да бидат насочени кон глобалните промени, литературата, одржливиот развој, мирот.

Дизајнерските решенија може да се испраќаат на истите адреси најдоцна до 20 септември 2015 година, по што ќе бидат разгледани од комисијата којашто ја одредуваат организацискиот одбор на манифестацијата и здружението.

Пристигнатите дела ќе бидат изложени за време на изложбата која е дел од манифестацијата „100 илјади поети за промена“, на 26 септември 2015 година во Струмица.

Манифестацијата „100.000 поети за промена“ е од меѓународен карактер и се одржува во повеќе светски и европски земји, односно, веќе има најавено 500 настани во над 100 земји во светот за оваа година.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top