Македонија и Грција сериозно да размислат за можностите и за итноста од решавање на спорот за името, изјави заменик-помошник државен секретар на САД, Хојт Брајан Ји, по разговорите со политичкиот врв на Македонија. Сепак иако е од заеднички интерес и на Македонија и на САД прашањето за името што поскоро да се реши за исполнување на евроатлантска цел на земјава, Ји посочи дека на средбите не било разговарано за специфични предлози за надминување на спорот.
-Не разговаравме за специфични предлози. Мислам дека она што е важно е сите страни кои имаат интерес да се реши проблемот сериозно да размислат за можностите и за итноста за изнаоѓање на решение. Ќе работиме заедно за изнаоѓање на вистинската комбинација, мерки, кои ќе овозможат да се постигне решение. Не е на САД, ЕУ или некоја трета страна да најде решение или да наметне, туку навистина е на земјите кои се директно инволвирани – Грција и Македонија да најдат решение. Нашата улога, на САД, на ЕУ или земјите-членки на Унијата е да го поддржат тој процес- изјави Ји.
Од Македонија било побарано САД поконкретно да се инволвира во решавањето на спорот за името. Според соопштението од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, тој на Ји му го изнел очекување САД и другите сојузници на Македонијиа, во име на поширокиот интерес, да побараат разумно однесување од страна на Грција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


