Можностите за инвестирање во Македонија ќе бидат презентирани на еден од најзначајните деловни самити во светот, кој од денеска се одржува во Бангалор, Индија.
Министерот за странски инвестиции, Џери Наумоф, министерот за информатичко општество, Иво Ивановски, и директорот на технолошките индустриски развојни зони, Виктор Мизо, се официјалните членови на владината делегација која ќе ги презентира можностите за инвестирање во Македонија на самитот во Бангалор, кој годинава го слави својот 20-годишен јубилеј.
Самитот е во организација на Конфедерацијата на индиската индустрија со поддршка на Владата на Индија, а Македонија како пожелна земја за бизнис ќе биде презентирана пред околу илјада меѓународни компании и високи владини претставници.
Министерот Наумоф е еден од главните говорници на овој самит, каде што во панелот „Ефективни начини за соработка со меѓународни партнери за овозможување на подoбар и побрз развој“ ќе зборува за бенефициите кои ги нуди Македонија на инвеститорите.
Наумоф истакна дека овој самит дава огромни можности за компаниите да создадат нови бизнис соработки и е одлична можност да се презентираат инвестициските можности на Република Македонија.
Министерите Наумоф и Ивановски ќе одржат директни средби со меѓународни компании присутни на овој самит, меѓу која е и средбата со висок претставник на менаџментот на компанијата „Mindtree“.
Оваа компанија, која остварува приход од околу 435 милиони долари, нуди глобални информатички решенија и е стратешки партнер на преку 40 компании од листата „Fortune 500“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



