| четврток, 6 декември 2018 |

Оливера ќе пее пред Адам Левин, Ашер и Шакира

Македонската пејачка Оливера Ѓоргоска веќе неколку години живее, учи и работи во Флорида. Младата прилепчанка неодамна ги заврши постдипломските студии на Универзитетот „Флорида Атлантик“, каде што студираше поп-музика и опера, и каде што предава пијано и дава часови по пеење.

Иако се подготвува и за своите докторски студии, Оливера, сепак, реши да се обиде и на двете познати шоуа за потрага по таленти „Гласот“ и „Америка има талент“.

– Одам чисто да си ја пробам среќата, имам спремено песни. Ќе пеам поп, опера, мјузикл, а планирам и да отсвирам нешто на пијано. Следната недела сум на аудиции, па наскоро ќе имам и повеќе детали – изјави Оливера за „Република“.

„Гласот“ („The Voice“) е моментално најгледаното музичко шоу во САД, до толку што продуцентите решија да прават и по две сезони годишно. Неодамна заврши и петтата сезона, а во новата жири и ментори на натпреварувачите ќе им бидат Адам Левин од „Марун фајф“, кантри-пејачот Блејк Шелтон, раперот и музички продуцент Ашер и светски познатата Шакира.

Оливера вели дека ќе се обиде и во „Америка има талент“, каде што ќе може да покаже што сѐ знае бидејќи во „Гласот“, сепак, се суди само тоа – гласот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top