| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ: Владата покажува континуирана грижа за сите граѓани

ВМРО-ДПМНЕ денеска ја поздрави мерката на Владата на Република Македонија со која им се дава шанса и можност за вработување на оние кои најтешко доаѓаат до ново работно место, со што како истакнуваат од партијата се покажува дека грижата за сите граѓани од сите категории и намалувањето на невработеноста и понатаму останува приоритет на ВМРО-ДПМНЕ.

– Благодарение на Програмата за субвенционирање на вработување, во 2014 година ќе се вработат нови 587 лица кои се активни баратели на работа, но кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот. Мерката е наменета и за лица на возраст од 50-59 години, млади лица до 29 години, долгорочно невработени лица (5 години и повеќе), како и лица кои до 18 години имале статус на деца без родители. Да потсетиме дека во категоријата на лица од 50-59 години се оние луѓе кои најтешко се снаоѓаат на пазарот на трудот и својата работа ја изгубиле во времето на криминалната приватизација на СДСМ – изјави на денешната прес-конференција Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ.

Мерката, сметаат од партијата, е одлична шанса и за младите лица до 29 години кои се невработени и кои веќе размислуваат за оформување семејство и понатамошно креирање на успех во својот живот.

За оваа мерка Владата има издвоено 47.520.000 денари од буџетот на Република Македонија.

– Грижата за сите категории на граѓани од страна на ВМРО-ДПМНЕ продолжува во континуитет. Она што беше ветено-веќе се остварува – истакна Рангелова.

Финансиската поддршка за вработување на невработени лица од ранливи групи изнесува 17.000 денари по лице месечно, од кои 3.000 денари по лице ги задржува работодавачот, како надомест за направените трошоци за подготовка на лицето во работниот процес. За секое вработено лице ќе се исплаќа бруто плата во износ од 13.000 денари месечно за период од 6 месеци. Работодавачот има обврска лицето да го задржи на работа најмалку уште 12 месеци или што е уште поважно на негово место да вработи друго невработено лице од истата целна група.

– Со оваа мерка Владата ќе им овозможи на овие лица и нивните семјства пристојни услови за живот. Оваа програмата за субвенционирање на вработување на невработени лица Владата на Република Македонија ја реализира континуирано од 2007 година, и е една од најуспешните мерки. Од исклучителна важност е податокот што и нас не прави горди е што изминатите години преку оваа мерка вработени се 4668 лица од споментатите категории – истакна Рангелова.

Додаде дека благодарение на овие мерки како и на економските политки кои ги води Владата на ВМРО-ДПМНЕ високата невработеност од 38 проценти се намалила на 28 проценти, што, како што истакна, досега е најниска стапка на невработеност во историјата на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top