| четврток, 6 декември 2018 |

Продолжува војната меѓу Данците и Хрватите

Многу набој имаше на вчерашниот полуфинален натпревар меѓу селекциите на Данска и на Хрватска, но вистинската војна почна по натпреварот и се уште трае. Обвинувањата на Славко Голужа најдоа свое продолжение во реакциите на хрватските медиуми и особено на социјалните мрежи, па, веќе е формирана група на Фејсбук, која брои повеќе од 20000 членови и која собира средства со кои сака да купи подобри наочари за германскиот судијски пар Гајпел и Хелбих.

Данската јавност е запрепастена, а медиумите на големо ги коментираат изјавите на Голужа, на Вори и другите ракометари на хрватската репрезентација.

Особено се почувствува засегнат данскиот селектор Вилбек, кој резигнирано вели: “Тој (Голужа) не навредува и сугерира дека сме ги потплатиле судиите. Изјавува дека биле подобри од нас, дека биле измамени и дека во Данска сме ги третирале како животни. Неговото однесување е непријатно и јас никогаш порано немам доживеано такво нешто“.

Хрватите тврдат дека биле селени од град во град, дека престојуваа во лоши хотели и имаа лоша исхрана. Но, Данците ги потсетуваат дека на СП во Хрватска (2009 година), данската репрезентација настапувала во дури четири хрватски градови, па, не се жалеа ниту на тоа, ниту на судиите.

Да потсетиме, Хрватска групната фаза ја одигра во Брондби, втората фаза во Архус, а полуфиналето во Хернинг. Данска, пак, на Светското првенство во Хрватска (2009 г.) мораше да настапува во четири града: групната фаза во Пореч, втората фаза во Задар, полуфиналето во Сплит, а финалето во Загреб.

 

Извор: РК Металург

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top