Германија и членките на Европската унија и НАТО немаат искрени намери кон евроатланската интеграција на Република Македонија, бидејќи и покрај постоењето на пресудата од Хаг во полза на Скопје, тие инсистираат на решавање на спорот за името, кој е неоснован, вели германскиот професор и балканолог Волф Ошлис интервју за програмата „Гласот на народот”.
Германија и сите членки на Европската унија и НАТО непречено го поддржуваат фактот дека Македонија ‘мора да биде во ЕУ’, дека ‘вратите на ЕУ остануваат отворени за Македонија’ итн. Тоа се само глупави и нечесни фрази, пред сé, од страна на Германија, која нема искрени намери во однос на Македонија, и ако ги има тие се само пусти желби, вели германскиот експерт за Балканот, Волф Ошлис
Во врска со прашањето за намерите на канцеларката Ангела Меркел и Германија, Македонија да биде дел од ЕУ и НАТО без ултиматум, Ошлис потсетува на изјава на канцеларката за евроинтеграциите.
-Канцеларката Меркел веќе пред неколку години изјави дека уште Хрватска ќе влезе во ЕУ, потоа вратите на Унијата ќе бидат затворени, за една долга долга пауза. Економската руина Хрватска со своите 50 милијарди евра долгови кон странство од ланскиот јули стана членка на ЕУ. Истата Ангела Меркел има антипатија кон Mакедонија и Србија, а таа антипатија ја прави беспомошна Европската унија…, оценува германскиот професор.
Ошлис појаснува и додава дека „… Меркел воопшто не вложува напор да ја скрие својата антипатија”. Притоа потсетува дека во 2012 година Берлин го посети македонска политичка делегација, која имаше средба со германската канцеларка. „Таа им го честита успехот пред Хашкиот суд на правдата во ткн ‘спор околу името’ и во истиот здив изјави: ‘А сега вие морате да го завршите спорот околу името’, додаде професорот.
-За Грција тоа беше еден сигнал дека документот – Пресудата од Хаг, за Германија ‘ништо’ не значи и дека со благослов на германската канцеларка можат да го продолжат својот агресивен курс против Македонија, додава аналитичарот Ошлис.
Вели дека со лекциите научени од кризата Грција може да донесе специјална чувствителност за многу прашања, а членките на ЕУ, со Меркел и Германија на чело, тоа го поднесуваат со „речиси мазохистичко задоволство”. Оценува и дека наспроти политичката и финансиска поддршка на Грција, угледот на таа земја меѓу Европejците е нарушен, а општиот прекар на Грците кај Германците е „банкротирани Грци”. Оваа контрадикција помеѓу политиката и општото мнение, вели, ќе расте со секоја милијарда, која Грција ја бара и ја добива од Брисел. „До кога? Сигурно вечно не..!, и тоа може да биде шанса за Македонија дека еднаш засекогаш партнерите во ЕУ го губат трпението со грчката ароганција”, оценува Ошлис.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.