| четврток, 6 декември 2018 |

Изјавите на СДСМ за националната програма за култура се паушални и неаргументирани

kanceska_g_0

Министерството за култура најостро реагира на паушалните  и неаргументирани забелешки на СДСМ на Годишната програма  на Министерството за култура за 2014 година.

„Забелешките јасно укажуваат на непознавање на Законот за култура, неговите одредби,  но, укажуваат  и на една ограничена перцепција за културата и за вистинските вредности. Министерството за култура го  информира СДСМ дека Постапката за донесување на Годишната програма е јасно утврдена во Законот за култура и доследно се почитува и спроведува од страна  Министерството за култура.  Комисиите што ја подготвуваат предлог-програмата не се држат во тајност туку напротив, секој од корисниците и јавноста, во секое време, може да добие информација, кои истакнати поединци се дел од овие комисии. Го прашуваме СДСМ: Дали имињата на Јелена Лужина, Вера Битракова Грозданова, Елизабета Димитрова, Драги Митревски, Бесиана Мехмети,Олег Кондратенко, Муамер Садику, Станко Павлевски, Ратко Дуев, Марко Китевски, Илбер Муртези  и сите други членови на комисиите што се истакнати, автори, уметници и професори се за нив анонимни? Ова се имиња на поединци  со голем кредибилитет кои својот труд го имаат втемелено  во македонската култура“, реагираат од Министерството за култура.

Оттаму објаснуваат дека што се однесува до изборот на поддржаните проекти сите пристигнати пријави  во Министерството за култура се  внимателно разгледани од страна на комисиите  и  секој од апликантите,  согласно Законот и најтранспарентно  се добива решение во кое јасно се образлозени причините за одбивање на проектот.

„Ако СДСМ  не ја препознава вредноста на  уметниците поддржани во Програмата  од национален интерес, ќе ги иформираме дека  во истата  се поддржани проекти на уметници  како Симон Трпчески, Милчо Манчески, Весна Гиновска – Илкова, Никола Маџиров, Катица Ќулавкова, Матеја Матевски, Иван Поповски, Андреј Жолдак, Љубиша Георгиевски, Венко Андоновски, Александар Поповски, Слободан Унковски, Сихана Бадивуку, Дино Имери, Дуња Иванова, Исмет Рамичевиќ, Илија Пенушлиски, Мирослав Масин, Коџоман и многу други. Зар за вас не се од национален интерес проектите на Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, на театарите во Македонија и на сите други институции од областа на културата? Зошто продолжувате да ги деградирате и омаловажувате македонските уметници? Зар за вас, новните успеси не се важни? Вашиот индиферентен однос кон културата го покажавте и за време на вашиот мандат кога не реализиравте ниту еден значаен проект од областа на културата, а навистина е жалосно што и сега продолжувате со еден крајно ограничен и тендециозен однос кон вистинските вредности во културата, кон македонските уметници!

Во годишната програма на Министерството за култура  е јасно изразен националниот интерес на РМ  како и настојувањата за една координирана и интегрирана културна политика. Градењето на културата не подразбира жанровска дискриминација и елитистички пристап во изборот на програмата. Од суштинско значење за Министерството за култура е поддршката на врвните вредности во културата, кои за нас немаат друг предзнак. Тоа што е очигледно е дека СДСМ сè уште  ја дели културата на албанска и македонска, елитна и популистичка, жива и мртва. Во таа смисла препорачуваме СДСМ да ги надгради своите сознанија за актуелните културни текови во европски и светски контекст и конечно да понуди конструктивни предлози за унапредување на културата во РМ“, завршува реакцијат на министерството за култура.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top