| четврток, 6 декември 2018 |

ЗНМ: Владата ги исполни обврските од постигнатата согласност

Здружението на новинари на Макеоднија (ЗНМ) денеска соопшти дека со усвојувањето на измените и дополнувањата на законите за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и за медиуми,  Владата ги исполнила обврските од постигнатата согласност со ЗНМ.

– Ова е чекор напред во подобрување на понудената содржина на законите,  за кои ЗНМ и странските експерти имаат сериозни забелешки. Ваквото однесување на Владата дава надеж дека во иднина ќе се направат напори за понатамошно подобрување на содржината на законите,  наведува ЗНМ во соопштението.

Со примената на согласноста, посочува ЗНМ, интернет медиумите целосно се изземаат од медиумските закони, ЗНМ има претставник во Агенцијата за медиуми, секое ограничување на медиумските содржини треба да биде во согласност со праксата на Европскиот суд за човекови права и значајно се намалуваат обврските за печатените медиуми. Освен тоа, посочува Здружението, во Законот се вгради одредба со која се потенцира дека целта на законот е да се промовира слобода на изразувањето и слободата на медиумите.

Останува обврската, потенцира ЗНМ, во рок од шест месеци да се изнајде решение со кое ќе се зајакне независноста на јавниот сервис, Македонската радио-телевизија.

ЗНМ соопштува дека останува на ставот оти нема потреба за закон за медиуми, во, како што наведува,  „услови кога Македонија рапидно паѓа на светските ранг листи по слобода на изразувањето“.

– Предупредуваме дека неприфатените забелешки на ЗНМ, кои во исто време беа и забелешки на експертите на Советот на Европа и ОБСЕ, сериозно ќе ја нарушат слободата на изразувањето и слободата на медиумите. ЗНМ во иднина ќе се залага Владата да ги прифати и останатите забелешки, кои би придонесувале за подобрување на медиумското законодавство – соопштува ЗНМ.

За нас, додава, е неприфатливо печатените медиумите да се регулираат со овие закони, да се дефинира професијата новинар, законот да пропишува високи непропорционални казни за медиумите и Владата нетранспарентно да ги финансира медиумите преку владини кампањи и со поддршка на домашната продукција за играна и документарна програма на националните приватни телевизии.

– Освен тоа ние не веруваме дека одредбите за Агенцијата за медиуми обезбедуваат независност и транспарентност во работата. Дефиницијата новинар станува бесмислена после изземањето на интернет порталите од медиумските закони, а Европскиот суд за човекови права смета дека непропорционалните казни претставуваат сериозно прекршување на слободата на изразувањето и слободата на медиумите. Владините реклами и финансирањето на домашна играна и документарна програма на националните приватни телевизии се инструмент со кои Владата може да ја купува наклонетоста на овие медиуми, со што се влијае на квалитетот на медиумските содржини и се ограничува правото на јавноста да биде објективно информирана. На место покривање на трошоците за производство на ова програма со педесет проценти, Владата може да ги намали бројот на часовите на националните телевизии за домашна продукција за половина – се вели во соопштението.

ЗНМ наведува и дека ќе ја следи примената на Законите, посебно на спорните делови, а не ја исклучува ни можноста по консултација со правни експерти, дел одредбите да ги оспори пред Уставниот суд.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top