Зголемен е бројот на заболени од грип во Македонија, информираат од Институтот за јавно здравје. Од 13 до 19 јануари вкупно 1.385 заболени од грип се регистрирани во Македонија, што е за 85,2 отсто повеќе од истиот период лани кога имало 748. Вкупниот број на заболени од грип од почетокот на сезоната 2013/2014 изнесува 3.328. Во овој период е регистриран еден смртен случај асоциран со инфекција со вирусот на грип, кај жена на 67-годишна возраст со историја на хронични болести, кај која лабораториски е потврдена инфекција со вирусот на инфлуенца А/Х3Н2.
Во споредба со минатата година (1.759 заболени), има зголемување на вкупниот број пријавени случаи за 89,2%.
Најголем број заболени (702) се регистрирани во Куманово. Најмногу болни ( 2.072) се во возрасната група од 15 до 64 години.
Бројот на пријавени случаи на грип или заболувања слични на грип во Македонија има тренд на интензивен и континуиран пораст. Се очекува овој тренд да продолжи и во наредните недели. Доминантна е циркулацијата на вирусот на инфлуенца тип А, при што се бележи кодоминација на двата негови подтипови – А/Х1 и А/Х3Н2, се наведува во соопштението од Институтот за јавно здравје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.