Суштината на соопштението од кабинетот на Филе по божикната средба во седиштето на Унијата е јасна и едноставна. Ако запре спроведувањето на мартовскиот договор и на дијалогот во Собранието, кој беше постигнат по тешки и мачни преговори со помош на Филе, Ховит и целата Европска унија, Македонија не треба да се надева на позитивен извештај во ноември ниту на седма препорака за почеток на преговори. Соодветно на тоа, 13 години по потпишувањето на договорот за стабилизација и асоцијација и шест години по добивањето на првата препорака за почеток на преговори, Македонија во декември формално ќе падне на ниво на Албанија во односите со ЕУ.
Членовите на опозицијата, кои деновиве повторно најавуваат дека на Македонија наскоро пак ќе ѝ се случува улица поради недостигот од разум кај власта, мора да размислат добро пред да ги спроведат најавите. Опозицијата има легитимно право да се бори за правда за својот истакнат член Шиповиќ, дури во обидот тој да се извади од затвор, може да блокира улици, да врши притисок врз судството, да протестира пред затворот во Шутка. Не смее да прави само една работа, по ниедна цена не смее да го блокира процесот што почна во моментот кога беше постигнат договорот во март минатата година, со кој партиите се согласија политичката битка да се води во Собранието наместо на улица.
Заклучоците што двете најголеми и најзакрвени партии ги усвоија во комисијата за 24 декември, без разлика како тие подоцна беа оценувани или делегитимирани, мора да бидат спроведени. И ВМРО-ДПМНЕ истите ги спореди пред јавноста со тоалетна хартија, но тие во реалноста се единствени валидни и од нив никој досега формално не се откажал. Како што на владејачката партија ќе ѝ биде тешко да објасни зошто не би ги почитувала, така и на опозицијата ќе ѝ биде извонредно мачно да објасни дека поради една личност, за која сѐ уште нема судска пресуда, го блокира политичкиот дијалог кој треба да се води во политички наместо во судски инстанци, а притоа договорот за него е постигнат со посредство на европски емисари.
Освен ако целта на опозицијата е, користејќи го случајот со Шиповиќ, да предизвика нова криза која ќе биде злоупотребена од Грција, по што Македонија може да се збогува со препораката за преговори, но и со можност воопшто да се разговара за неа на состаноците во Брисел. Не треба да се биде многу умен за да се сфати кој потоа ќе се обидува да добие политички поени кај македонските граѓани со тезата дека тој што е на власт е единствениот одговорен за добивањето или за губењето на препораката.
Во овој контекст останува и дилемата која е калкулацијата на СДСМ за такво сценарио. Се надеваат ли на Бихаќка дека кога тие еден ден ќе дојдат на власт, ќе можат брзо да го свртат текот на европската историја на Македонија? За тоа, сепак, ќе бидат неопходни два предуслова. Сегашната власт, која еден ден ќе биде опозиција, ќе треба да учествува во политичкиот дијалог затоа што без него, според сегашните критериуми, нема враќање на препораката. И второ, доколку ВМРО-ДПМНЕ тогаш не го прекинува политичкиот дијалог како што прави СДСМ, ќе треба да најде компромисно решение за името, нешто што не можеше да го стори во текот на деценијата меѓу 1992 и 2006 година кога ги имаше сите потребни механизми да го затвори спорот со Грција за името.
И ХЛАД во мирување
Во целата оваа анализа на внатрешнополитичките состојби, соседна Грција не треба да се третира како надворешен фактор. Грција како претседавач со ЕУ до јули и како директен интересент за состојбите во Македонија во првиот момент кога опозицијата или власта ќе ги прекршат членовите на мајскиот договор и ќе го запрат политичкиот дијалог во Собранието, ќе прогласи вонредна состојба меѓу европските фактори што сѐ уште се занимаваат со земјава и ќе подготви терен за негативен извештај и за одземање на препораката за преговори. И потоа воопшто нема да биде важно кој прв почнал или кој е виновен затоа што штетата ќе ја трпиме сите заедно.
Притоа Грција нема да застане само на препораката, моќниот противник ќе има целосен легитимитет пред европските партнери да го запре и пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) што веќе се најавува како опција меѓу дипломатскиот кор во Атина. Аргументирајќи дека Македонија нема капацитет да ги спроведе договорите со европските институции, Андонис Самарас многу лесно може да ги убеди своите колеги да го елиминираат механизмот кој беше измислен од Унијата само за да не губи Македонија време во услови на вето од една членка. Дали Македонија повторно ќе добие таква шанса ќе покаже историјата.
Од Грција можеме само да учиме
А, Грција, колку и да е тоа апсурдно, е најдобар пример како партиите кога тоа е од највисок државен интерес се согласуваат и кога имаат огромни разлики. Во моментов јужниот сосед има влада со три партии во коалиција со дијаметрално спротивни идеолошки и политички ставови. Сепак, и покрај разликите, ниту една партија ниту еднаш не направи нешто што можеше да ја загрози државата пред странските партнери и финансиери. За разлика од македонските левичари, нивните колеги од СИРИЗА, и покрај тоа што никогаш не биле на власт, а на анкетите се први или втори, ниту еднаш не испровицираа политичка криза за да ја урнат власта и тие да ја преземат Владата. Иако никогаш претходно не биле на чело на земјата.
(објавено во 72. број на неделникот „Република“, 17.01.2014)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.