Фирмите ќе се ослободат од дел од заостанатите обврски што ги имаат кон државата. Владата донесе одлука да им ги прости каматите, но и дел од главнината за долговите за пензиско и за здравствено осигурување на вработените. Причина за тоа е одразот на светската клима врз македонските компании.
-Периодот на криза на светската и европската економија имаше соодветен одраз на македонските компании кои имаа проблеми со ликвидноста. Од овие причини Владата се реши на уште една мерка со која ќе излеземе во пресрет на барањата на стотици македонски фирми – изјави Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.
Целосно ќе биде отпишан долгот ( и камата и основица) за неплатените придонеси за здравствено осигурување до 2009-тата. Условот е во наредните три години, заклучно со крајот на 2015-та, фирмата редовно да ги исплаќа тековните обврски.
За пензиското осигурување неплатено до 2009-тата ќе се отпишуваат само каматите – 100% доколку фирмата ја плати главнината за шест месеци од поднесувањето на барањето, 75% доколку тоа го направи за 12 месеци и 50% за 18 месеци.
На истиот начин ќе се простуваат каматите и за периодот 2009-та – 2012-та, но ова ќе важи и за придонеси по други основи.
Кај некои претпријатија каматите се речиси 40% од долговите. Допрва ќе се прават пресметки за вкупната сума што ја побаруваат фондовите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


