Претседателството на ДУИ донело одлука да се охрабрат претседателот Али Ахмети и другите партиски раководни структури да продолжат разговорите со ВМРО-ДПМНЕ за воведување нов стандард во изборот на кандидат за претседател на државата. Портпаролот на партијата, Бујар Османи, уште еднаш нагласи дека е време за концептот на консензуален кандидат за шеф на државата кој ќе биде кохезионен центар и кој ќе биде рефлексија на волјата на сите граѓани и на сите групации во општеството.
– ДУИ очекува официјален одговор од коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ. Доколку предлогот не биде прифатен, се отвора можност за други алтернативи. Доколку, пак, не се постигне меѓуетничка, не е исклучена внатреетничка коалиција, како што имаше за локалните избори, но тоа, сепак, не е добра порака за иднината на државата – изјави Османи.
Трета опција е разговор со опозициски партии од македонскиот блок, а четврта опција е самостоен настап на ДУИ. Сепак, ДУИ е фокусирана на првата опција.
Прашањето за предвремени парламентарни избори не е отворено на состанокот на претседателството на ДУИ. Османи рече дека не е исклучено ова прашање да биде разгледано на наредната седница на претседателството по два дена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.