| четврток, 6 декември 2018 |

Коста Петров: И во Македонија може да се создаваат големи работи

Треба да се создаде клима дека и во Македонија се создаваат трендови, не е тоа само земја која се обидува да ги следи и да ги копира. И тука постојат компании кои се многу успешни и надвор од Македонија и кои сигурно би сакале да ги споделат своите искуства и да ги мотивираат и другите, вели Петров, сопственик на агенција за организирање луксузни настани

Коста Петров има само 29 години и е вистински лидер во она што го работи. Сопственик е на агенција за организирање луксузни настани од областа на маркетингот, пиарот и човечките ресурси. Сето свое богато професионално, но и приватно искуство го преточи во книгата „Се гледаме на врвот“ која неодамна ја промовираше. Иако со години живеее по светот, пред две години се врати во Македонија  и реши тука да го оствари сонот кој го бркал по цел свет. Со книгата, но и со својата работа покажува дека и во Македонија може да се создаваат големи работи. Повеќе е познат во регионот, отколку кај нас, а јавноста го памети како дел од тимот кој ги реализираше „Агенти на промени“ со Снежана Лупевска и „Лидери“. Неговата агенција „Пи ворлд“ кај нас ја претстави директорката на пиарот за „Диор“, го обезбеди гостувањето на Алистер Кемпбел човекот задолжен за односи со јавноста на Тони Блер и лидер во областа на односи со јавноста. Во изминатиот период беше многу актуелен во Хрватска, кога на конференција во Загреб пристустуваа бројни имиња од бизнис-елитата и каде што се разменуваа идеи и искуства.

„Се гледаме на врвот“ е вашата прва книга. Кого очекувате таму да сретнете?

На врвот? Сите мои порази и успеси. Најмногу поразите, бидејќи книгата е напишана за тоа. Ние како луѓе многу се плашиме од порази. Јас сметам дека колку повеќе предизвици имаш, толку повеќе значи дека си на вистинскиот пат. Тој врв е некоја асоцијација ако имаш големи соништа, ако работиш на нивно остварување и ако не се откажуваш, тоа е врвот. За секого врвот е различен. Сите имаме различни амбиции. Врвот треба да ни биде една цел. Не значи дека ќе стигнеме до врвот. Многу е поважна амбицијата, да тргнеме на патот до врвот.

Велите дека книгата се матаријализирала во последната година и дека она што е пренесено во неа е резултат на вашиот животен пат. Работите во светот на маркетингот. Дали и објавување на оваа книга е еден вид маркетиншки трик?

Книгата, освен на Македонија, ќе биде објавена и на англиски јазик и ќе излезе во сите земји каде што работиме и кадшто имаме канцеларии. Целта на книгата е многу поразлична и е наменета за тука, во Македонија. Првенствено, таа им е наменета на младите во Македонија. Во неа пишувам за предизвиците и кон нив да гледаме со отворени раце. Да научиме да сонуваме. Јас 11 години не живеев во Македонија, се вратив од Катар и тука сум сега две години. Многу е тажно што луѓето забораваат да сонуваат. Премногу логично ги гледаат работите. Јас сметам дека животот воопшто не е логичен. Единаесет години го бркав сонот во други земји и на крај се вратив дома и тука ми се оствари.

Вие сте единствена глобална креативна агенција во Македонија. Дали тоа ве прави посебно успешни и единствени во она што го работите?

kosta petrov

Па не прави посебни во Македонија, бидејќи нема други компании коишто го имаат достигнато она што ние досега го имаме направено за толку кратко време. Во светски рамки имаме конкуренција, но и таму сме позиционирани како маркет лидери. Поентата на книгата е дека и во Македонија може да се создраваат големи работи. Не се создаваат само во Англија или во Америка. Ние секогаш од високо гледаме на работите што се создаваат во странство. Секогаш се потчинуваме, со ставот: ние не можеме, таму има други, поинакви услови за работа. А можеме. Не велам дека се е совршено кај мене. Напротив. Секогаш постојат предизвици. Посебно во денешно време да водиш бизнис. Треба да се создаде клима дека и во Македонија се создаваат трендови, а не е само земја која се обидува да ги следи и да ги копира. Знам за компнии кои се многу успешни и надвор од Македонија кои сигурно би сакале да ги споделат своите искуства и да ги мотивираат и другите.

Иако имате само 29 години имате богато животно искуство зад себе. Сте живееле во Скопје, САД, Прага, уживавте во раскошот на Дубаи. Што ве натера да се вратите во родниот град?

Дојдов до еден момент кога веќе имав чувство дека го постигнав врвот. Тоа што ми беше дадено за работа не ме мотивираше. Добив ќерка пред три години и Дубаи станува напорен кога имаш дете. Покомплициррано е. Сакав ќерка ми да има нормално детство. Имав желба да почнам свој бизнис и некако логично ми беше да почнам од тука, од Македонија.

Сопственик сте на компанија која организира луксузни настани од областа на маркетингот, пиарот и човечките ресурси. Вашите настани се спектакуларни. Зошто имам впечаток дека сте повеќе познати во регионот, отколку тука во Македонија?

Секој бизнис се труди да оствари некаков профит, никој не работи за без пари. Нашите продукти, генерално и верувам продуктите на другите компании што се успешни и во странство се скапи за нашта земја. Но, има многу компании од Македонија што доаѓаат на нашите настани во странство. Видовме дека во Македонија пазарот е лимитиран за нас. Во Македонија имавме два телевизииски проекти кои на еден начинн им дозволија на гледачите да влезат во животите на славните. Тоа беа „Агенти на промените“ и „Лидери“. Овие проекти беа направени за луѓето да видат дека тие за кои ние читаме, ги ставаме на пиедестал и ги идеализираме се многу нормални луѓе кои имале цел и соништа во животот. Работеле на своите соништа, стигнале до таму каде што се сега. Треба да им се покаже дека има луѓе кои го менуваат светот и не е тоа од што ние треба да се плашиме и нешто што не е невозможно, едноставно да научиме од нив и некои од тие работи ние да ги примениме.

kosta petrov1

Работите маркетинг, знаете како функцинираат работите. Мислите ли дека со вашата книга, барем оние кои ќе ја прошитаат ќе ги натерате нешто да преземат во свои раце за да направат за нив позначајни дела?

Во книгата има делови кои се однесуваат на бизнисот, но повеќе се фокуусира на животот, на стравовите кои ги носиме. Најголема мотивација ми е луѓето да почнат да сонуваат. Да не се задоволуваат со малку и со еднократни работи како на пример да добијам кредит. Предизвиците секогаш ќе доаѓаат. Но, тоа не значи дека треба да седиме и да бидеме жртва. Книгата е посветена на младите, да научат да сонуваат, да работат на своите соништа, да работат на нивно исполнување и еден ден да се видиме на врвот.

Што научивте од големите имиња во маркетингот кои успеавте да ги донесете како предавачи на вашите настани, тука, во Македонија и во регионот?

Во Дубаи, кога почнав да работам на големите настани првата работа која ми ја кажа шефот е да не ги идеализирам големите луѓе и никогаш да не ги натераш тие да помислат дека ти си помалку вреден од нив. Иако внатрешно чувстував некаква возбуда, никогаш не сум дозволил така да се чувстувам. Мене и првата глава во книгата ми почнува со престојот на Дедиње, кај спрпскиот принц кој претходно ме покани на вечера, а потоа видов дека таму се најголемите европски бизнисмени. И тој ме покани да седам на главната маса. Оваа случка ме поттикна да ја напишам книгата. Пред се, тие луѓе ги гледам како пријатели со кои редовно сме во контакт. Ние како агенција имаме големи работи направено за Србија и токму принцот ни се јави и ни се заблагодари. Оттаму е и нашето пријателтво и тој е многу благодарен за се она што сме го направиле.

Секој од нив си ја работи својата работа. Некој работи за „Фејсбук“, некој за „Јаху“. Тоа е најфасцинантно – тие суперталенти, тие ајнштајни само си ја работат својата работа, ги следат трендовите, се разбира ја имаат поддршката од компаниите каде што се вработени, но најинтересно од се е тоа што голем дел од нив почнале од нула и денес се таму каде што се бидејќи работеле и сонувале како да ја постигнат својата цел.

Како функционира тоа со три канцеларии, во Скопје, Прага и Дубаи? Сега отворивте бироа и во Израел и Азербејџан.

Се што правиме е во Македонија. Сега отворивме канцеларија во Баку, Азербејџан, а во мај ќе отвараме во Тел Авив, Израел. Ние го тестираме маркетот, да видиме дали е добар за нас. Продуктите, сите стратегии, се се прави тука, во Македонија. Јас сум бил на многу места на земјината топка и во принцип не се фасцинирам многу, посебно затоа што живеев во Дубаи пет години. Но, во моментов Баку ми е најомилен град на светот. Градот е спој на модерно и традиција, неверојатно е чисто, безбеден е, имаш и луксуз, но и историја, традиција. Тоа е тоа што недостига во Дубаи – нема култура, а има премногу луксуз. За мене, Баку е градот на иднината. За неколку години Баку ќе биде она што сега е Дубаи.

Кои пазари се сега предизвик за вас во работата?

Израел сега ни е предизвик. Таму од мај застануваме на две нозе, влегуваме поагресивно. Следната недела во Казахстан имаме голем настан. Ако имаш добар продукт, луѓето сами ќе доаѓаат. Секогаш кога влегуваме во други земји, влегуваме агресивно. Никој не сака да соработува со некој кој нема самодоверба. Ние сме големи колку што се претставуваме. Перцепцијата е многу поважна од реалноста. Нам ни треба време да им објасниме дека доаѓаме од Македонија, но не научија. Секогаш постојат ризици, но ние влегуваме позитивно во секоја работа. Многу е полесно без стеги да почнеш да работиш.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top