
Американскиот претседател Барак Обама гарантира дека канцеларката Ангела Меркел не треба да биде загрижена за доверливоста на комуникациите на Германците додека тој е претедател на САД.
-Додека сум претседател на САД, германската канцеларка не треба да биде загрижена за следењето – изјави Обама во разговорот за германската државна телевизија ZDF емитуван во саботата доцна навечер.
Тој вели дека односите меѓу двете земји се пријателски и тој не сака да го расипе тој однос со механизмот за следење кој би ја пореметил комуникацијата и довербата.
Обама беше интервјуиран од германската државна телевизија откако претходно во петокот објави дека има намера да ги намали овластувањата на американската Агенција за национална безбедност NSA, којашто е осомничена дека ги шпионирала и странските челници на земји или влади, меѓу кои и мобилниот телефон на германската канцеларка, за што кон крајот на октомври 2013 година пишуваа германските медиуми.
Der Spiegel на своето интернет издание објави дека според документите со коишто располага NSA, Меркел се наоѓала на американската листа за прислушување уште од 2002 година, а била на неа и неколку седмици и неколку седмици пред посетата на американскиот претседателот Обама на Берлин во јуни во 2013 година.
Според извештајот на кој се повикува Bild am Sonntag, следењето на Меркел било проширено не само на нејзиниот телефон кој го користела за контакт со нејзината партија, туку и нејзиниот владин мобилен телефон. Во NSA ги пресретнувале нејзините повици и пораки, а надвор од дофатот на прислушувањето на американската служба останала само фиксната телефонска линија во кабинетот на канцеларката.
Цел на NSA, според Bild am Sonntag, бил и претходникот на Меркел, канцеларот Герхард Шредер. Програмата за прислушување на германските челници започнала во 2002 година во времето на американскиот претседател Џорџ В. Буш помладиот, откако германската влада откажала да учествува во воената кампања во Ирак. Оваа одлука на Берлин, наводно, поттикнало сомневање во Вашингтон во германското сојузништво. Според медиумите, и прислушувањето на Ангела Меркел започнало таа 2002 година, три години пред да стане канцеларка.
Како што пишуваше Die Spiegel во документите што ги поседува, исто така, се говорело и дека покрај NSA и американската Централна разузнавачка агенцијa CIA ги следела комуникациите на владиниот комплекс во Берлин од амбасадата на САД којашто се наоѓа во центарот на германската престолнина. Во зградата на амбасадата биле поставени современи антени со најголеми засилувачи, пишува весникот. Во документот датиран од 2010 година, произлегува дека истата опрема е инсталирана од страна на NSA и CIA во околу 80 градови во светот.
Во Германија најавите на американскиот претседател Барак Обама за забрани за прислушување на странските државници беа дочекани млако. Портпаролот на канцеларката Меркел во петокот ја поздрави најавата дека во иднина повеќе ќе се почитуваат заштитата на податокот и правата на граѓаните, особено на германските граѓани.
Во саботата германските реакции беа покритични. Претседателот на комисијата за надворешни работи на Бундестагот, Норберт Ретинген од конзервативната партија CDU на Ангела Меркел, за дневниот весник Tagesspiegel оцени дека најавите на Обама се „технички и, за жал, не одговараат на вистинскиот проблем”.
Министерот за правосудство, социјалдемократот Хеико Мас во плановите на американскиот претседател го гледа „првиот чекор”. Довербата на Германија во американскиот партнер ќе биде повратена дури кога „ќе потпишеме договор кој на правно обврзувачки начин ќе ги штити податоците на сите граѓани”, изјави Мас за неделното издание на весникот Bild am Sonntag.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


