| четврток, 6 декември 2018 |

Златна плоча: приказна за космосот

galijana-184x115

Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)

 

Каде и да отидеш, таму си

17012014-makrena-kol

Слика од златната плоча испратена во вселената со „Војаџер 1“. Плочата е направена од изотоп на ураниум кој трае 4.468 билиони години и на неа има музика од Моцарт, Бетовен, Стравински, Чак Бери и други.

 

Си бил еден космонаут, кој од дете мечтаел да се качи на Месечината. Пробувал многу пати, но секогаш безуспешно.

Сè додека еден ден не се досетил.

Космонаутот ја купил најголемата пустина на планетата Земја и во неа изградил студио коешто личело на друга планета. Потоа го изнајмил најдобриот режисер којшто ги направил најдобрите можни снимки за неговото стапнување на Месечината. Снимките веднаш биле откупени од сите телевизиски центри на планетата и космонаутот се прославил како првиот човек што стапнал на Месечината. Имал име, презиме, биографија, семејство, сè што оди во пакет.

Режисерот и останатата екипа не чувствувале морална одговорност за лажната приказна бидејќи длабоко во себе знаеле дека, без оглед на која планета и да стапне, човекот не може да побегне од себеси. Каде и да отиде, човекот е таму каде што е.

(Во 1977 година во вселената е испратена таканаречената „златна плоча“, на која е снимен гласот на тогашниот претседател на Америка, Џими Картер, кој вели: „Оваа плоча е подарок од еден далечен свет, збир од нашите звуци, научни достигања, музика, мисли и чувства. Се обидуваме да го надживееме нашето време за да можеме да живееме во вашето“. )

Приказна за пролетеријатот

Си бил еден сиромашен човек. И, нели, викаат, сиромашен човек, жив ѓавол. Но, овој човек не бил воопшто набожен, туку, напротив, бил решен по секоја цена да успее да се збогати. Прво се зачленил во синдикатот на фабриката. Потоа станал главен синдикалец. Се користел со сите средства за да дојде до целта. Не му било важно што мислат другите за него, ниту, пак, тој мислел за другите. Бидејќи бил на чело на синдикатот, почнале да го поткупуваат за да молчи и да ги замолкнува тие што му верувале. За него веќе не важела поговорката за изедначувањето со живиот ѓавол.

И од таквите приказни може да се научи нешто, како, на пример, тоа дека ако единствената алатка што ја имаш е чекан, тогаш сите проблеми ти личат на шајки.

Татковци и деца (педагошка приказна)

Добриот татко сака да му ги исполни сите желби на синот. Но, за да не го разгали и расипе премногу, мора да му ја покажува и другата страна на паричката. Тоа е татковата ризница со педагошки поуки. А, како што расте синот, растат и неговите желби. Во еден миг тој бара од таткото мотор. Таткото не му ја исполнува желбата. Го остава сина си да страда поради силната фрустрација од неисполнетата желба. Не му кажува на синот дека планира да му купи нешто многу поубаво од мотор, … не. Го остава да зрее, да ја надрасне својата желба. Ако му ја исполни желбата, како многу пати пред тоа, само ќе му одмогне.

Синот секогаш посакува. Но, неговите апетити секогаш се помали од татковата љубов.

Кога ќе дојде времето, синот ќе има сè што има таткото. Нешто што ниту може да се сети да го посака.

Ако синот во меѓувреме пребега во друга држава, или побара азил некаде, или почне да работи во фирмата на најдобриот пријател на својот татко, таквото поглавие од историјата се вика „Добредојдовте во клубот“. Можете да заокружите под а. Палестина или под б. Израел, ама исто ви се фаќа. Вие се крчкате во големата манџа на вавилонската кула од карти. И сите потребни информации ги има на вашиот профил на „Фејсбук“, во секое време.

Кој го одредува тоа? Кој управува со желбите на синот? И кој го облагородува таткото со мудрост да може да проникнува во душата на својот син за да може да одреди кога е времето за што?

Жената со кибритчињата или приказна за религиозните

Си била една сиромашна жена. Кога стегнала страшната зима, жената имала пари да си купи само еден кубик дрва. Но, секоја ноќ невидливите сили слегувале од небото и во дворот на сиромашната жена додавале уште по едно дрвце. Кога жената видела дека дрвата не се трошат и никако да се потрошат, решила да престане да се грижи. Сепак, жената не била глупава и сакала да дознае од каде доаѓаат дрвата. Решила ноќе да бдее и да гледа низ прозорецот кон купот дрва. Но, попусто, истата невидлива сила што ѝ ги носела цепаниците, сега ѝ ги затворала очите и жената заспивала со спокоен сон до следното утро.

Така, не само што ја поминала зимата на топло, туку и ги сонувала најубавите соништа таа зима.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top