| четврток, 6 декември 2018 |

Книгата „Ова не е крај“ за Тоше Проески со промоција на неговиот роденден

На 25 јануари, денот на раѓањето на Тоше Проески, ќе биде промовирана книгата „Ова не е крај“, во која се опфатени сегменти од животот на македонската музичка легенда.

Авторка на книгата „Ова не е крај“ е Соња Алексоска Неделковска, а издавач е Фондација „Тоше Проески“. За потребите на книгата се интервјуирани повеќе од 80 соговорници. Сеќавања за Тоше споделуваат членовите на најблиското семејство, сестрата Дора, зетот Славен Ристески, внукот Кристијан. Интересни случки од детството откриваат и неговите другари.

Читателите ќе имаaт можност да дознаат за почетоците на кариерата на македонската легенда, за првите настапи и првата отпеана песна. Како се одвиваше неговиот професионален музички пат, спомени споделуваат македонските автори, изведувачи и продуценти, претставници на медиумите, како и познати имиња од светот на класичната музика и спортот.

За кариерата на Тоше во Србија свои искуства споделуваат неколку музички соработници и изведувачи и неколку познати српски новинари. Како Тоше ги освои Хрватска и Блаканот ќе откријат повеќе значајни личности од тамошниот музички пазар. Светски автори ќе го споделат искуството за соработката со нашата легенда при снимањето на албумот „The Hardest Thing”.

– Книгата ќе биде во луксузно пакување, правена е по терк на изданијата за светските ѕвезди. Во неа има фотографии на Тоше од неговиот приватен албум. На нив се овековечени моментите со неговото најблиско семејство, како и од детството, од првите чекори на снегот, првите настапи, концерти, фотосесии – информираат од Фондацијата „Тоше Проески“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top