По успешното претставување во Нирнберг (Германија) проф. Димитар Малиданов, истакнат македонски графичар и сликар, во четврток, утре со свои понови графики и цртежи ќе се претстави на самостојна изложба во Љубљана (Словенија).
Изложбата на Малиданов во Галерија ЗДСЛУ во строгиот центар на словенечката престолнина всушност носи ист наслов како таа во Германија – Metamorphosis, а ќе биде претставен избор во кој доминира цртежот како автономна ликовна дисциплина.
За овој циклус на Малиданов ликовната критичарка Нивес Марвин во каталогот по повод оваа изложба меѓу друго ќе запише:
Делата на Малиданов веќе на прв поглед го откриваат неговиот посебен однос кон линијата како најстар и примарен човеков израз: цртежот за него е – исто важи и за графичките листови – најнепосредно и клучно средство за преведување на интимните доживувања, чувствувања и видувања на реалниот свет, за преведување на своите емоции и идеии, на својот внатрешен его. (…)
Одбраниот колористички и тонски растер на линии со своите елементарни и симболни значења (…) им дава на целокупната композиција чувство на хармонија, виталност и елеганција, пријатна атмосфера на смиреност и во исто време на дискретно меко бранување што не носат во еден поинаков свет, секако многу подалеку од секојдневниот хаотичен и стехнизиран начин на современото живеење. (…)
Малиданов – како зрел и искусен, а пред се суптилен набљудувач и ликовен творец со оформен сопствен филозофски поглед – во одбраниот медиум ја интерпретира никогаш доискажаната проблематика на животот на Земјата и во Космосот, а на нас ни остава можности одново на ги откриваме квалитетите и привлечностите на прабитното,елементарното.
Малиданов на Академијата за ликовна уметност во Љубљана ги има завршено студиите по сликарство кај проф. Габриел Ступица и постдипломски студии по графика кај проф. Марјан Погачник. Графика специализираше и во Париз. Добитник е на највисоки државни награди, наградата 11. Октомври и наградата 13. Ноември, и повеќе меѓународни награди и признанија за графика, меѓу другото во Битола, Варна,Ужице, Шамалие, Скопје итн.
Изложбата во Љубљана ќе биде отворена до 7. февруари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.