| четврток, 6 декември 2018 |

Ни побегна победата против Чешка (24-24), ни треба реми или триумф со Австрија

Несреќно ни побегна победата против Чешка, вечерва во Хернинг во вториот меч на Македонија на Европското првенство во Данска, па на крајот моравме да се задоволиме со реми, 24-24, но шансите за пласман во вториот круг остануваат. Ни треба реми или победа во последното коло со Австрија и пораз на Чешка од домаќинот Данска.

Во возбудлива завршница, на 10 секунди до крајот борбениот и мошне добар Филип Миркуловски го погоди извонредниот голман Штохл, а Чесите за среќа не не казнија, па остана нерешено 24-24. Тоа е првиот бод и за нас и за противникот, но Чесите се во потешка ситуација по поразот од 20-30 со Австрија. На Македонија и е потребен еден бод во дуелот со последниот противник во А групата, а победа би значело дека ќе имаме два бода во следната фаза, секако ако домаќинот Данска ја оправда улогата на апсолутен фаворит и ја поарзи Чешка.

Кирил Лазаров лавовски не донесе на прагот на значаен триумф, постигна импресивни 12 гола, но немавме завршница за да стасаме до цел плен. Македонските ракометари прикажаа лавовско срце, иако имаше и грешки во текот на мечот. Во нападот на моменти се мачевме да изработиме добра акција, а во одбраната не успеавме да го сопреме расположениот Хорак, кој ни даде 8 гола.

Филип Јиха постигна 6, а играч на мечот со Лазаров беше и чешкиот голман Штохл со неверојатни 21 одбрана. Клучен беше фатениот пенал на Лазаров на 3 минути до крај, кога имавме шанса да поведеме со два гола разлика. Сепак Македонија одигра борбено, сите ракометари го дадоа максмимумот, а во последниот натпревар со Австрија ја очекуваме првата победа на турнирот.

Во нашиот табор Миркуловски даде 3 гола, а по два погодоци забележаа Димовски, Георгиевски и Манасков. Со Австрија играме задутре во Хернинг од 18,15 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top