| четврток, 6 декември 2018 |

Никола Тодоров бара извинување од Шилегов

Nikola Todorov

Министерот за здравство бара извинување од портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, за, како што вели, нанесената штета на честа и угледот поради невистинити наоди.

– Во врска со наводите изнесени од ваша страна на ден 13.01.2014 година на прес- коференција, како портпарол на политичката партија Социјалдемократски сојуз на Македонија, на која присуствуваа голем број на електронски и пишани медиуми, кога изјавивте дека: „Девет дена откако е распишан милионскиот тендер од страна на Министерството за здравство, Ивона Талевска се повлекува од фирмата и му ги дава акциите на малцинскиот партнер, Марко Петровиќ. Тендерот е распишан на 11 декември 2012 година, а Ивона Талевска се повлекува на 20 декември 2012 година. ВИСАРИС МКД ДООЕЛ Скопје конкурира на тендерот и за 4 месеци го добива милионскиот бизнис од Никола Тодоров“, кои што се невистинити и не одговараат на фактичката состојба, и со кои нанесовте штета на честа и угледот на Министерството за здравство на Република Македонија и на министерот за здравство Никола Тодоров, Ве повикуваме, согласно член 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета („Службен Весник на Република Македонија„ број 143/2012), јавно да се извините на Министерството за здравство и на министерот за здравство Никола Тодоров и во целост јавно да ги повлечете изречените невистини со цел ублажување на штетата. Истовремено ве повикуваме, согласно одредбите на Законот, јавното извинување за изречените невистини да го направите на исто место, во ист обем и преку истите средства за јавно информирање како и вашата изјава најдоцна во рок од 48 часа од ова барање – се вели во барањето на Министерството за здравство.

Оттаму нагласуваат дека како доказ за наведеното, на веб-страницата на политичката партија Социјалдемократски сојуз на Македонија е објавен Историјат со промени на правното лице од единствениот трговски регистар и регистарот на други правни лица издаден од Централен регистар на Република Македонија – Регионална регистрациона канцеларија Скопје бр.0811-16/9/1 од 13.01.2014г. за правното лице Друштво за трговија со медицинска опрема, апарати и информациони системи во здравството ВИСАРИС МКД увоз-извоз ДОО Скопје.

– Во цитираниот Историјат е наведено дека на 20.12.2011 година е поднесена пријава на промена со која податокот за сопственикот Ивона Талевска се брише. Од претходното е јасно дека Ивона Талевска не се повлекува од основач на ВИСАРИС МКД ДОО Скопје на 20.12.2012 година како што изјавивте, туку истата истапува на 20.12.2011 година, односно една година претходно од наведениот датум. Ова практично значи дека Ивона Талевска не се повлекла од основач на правното лице 9 дена откако е распишан тендерот од страна на Министерството за здравство туку скоро една година (без 9 дена) пред да биде распишан тендерот. Вака изнесените невистинити факти нанесоа штета на честа и угледот на Министерството за здравство на Република Македонија и на министерот за здравство Никола Тодоров бидејќи од самиот документ јасно се гледа дека изјавата дадена од ваша страна е невистинита – коментираат од Здравство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top