| четврток, 6 декември 2018 |

Приклучок на гас до вашиот дом најдоцна за четири години

plin-Gas-Pipes1

Студијата за гасификација на Скопје е готова и предадена во Министерството за транспорт и врски и може да се очекува веќе до крајот на овој или во почетокот на идниот месец да биде распишан тендер за избор на компанија што ќе добие концесија за изградба на гасоводната мрежа во целото подрачје на главниот град, односно во сите 17 општини што влегуваат во скопскиот регион, пишува Дневник.

Ако претходно се размислуваше за варијанта секоја општина самостојно да се грижи за гасификацијата и да се формираат локални дистрибутивни компании, по направените анализи е утврдено дека најреална и најисплатлива варијанта, која може да обезбеди наоѓање инвеститор, е гасификацијата да се врши регионално.

Имено, анализата покажа дека ако се оди на изградба на општински мрежи, ќе се случи само мал дел од нив да бидат гасифициран бидејќи некои, поради поголемата потрошувачка и помалите инвестиции, би биле интересни за идните инвеститори, а другите би биле неатрактивни. Па во студијата се предлага првиот регион да е скопскиот, во кој е една третина од вкупниот потенцијален консум во земјава, потоа западниот, кој ќе ги опфаќа општините од западниот дел на земјата, каде што има многу капацитети што можат да бидат корисници на гасот, а во третиот би биле преостанатите општини.

Со оглед дека Скопје веќе има пристап до гасот, се очекува некаде до јуни да заврши постапката за избор на компанијата што би ја изградила гасоводната мрежа и која би била дистрибутер на гасот во овој регион. Веднаш потоа би можеле да се бараат концесионери и за другите два региона во кои, додека не се изгради националната гасоводна мрежа, би можело да се користи компримиран гас.

Студијата предвидува во првата година по доделување на концесијата во главниот град да нема приклучувања, односно да се гради примарната мрежа за да може да се почне со првите приклучувања, а со истото да се продолжи и во следните години. Целосната гасификација на регионот се проценува дека би завршила за четири години. Сево ова би било инвестиција од околу 100 милиони евра, при што и фирмите и граѓаните ќе можат да добијат затоплување, кое во старт, со моментните цени на природниот, ќе биде за 20 до 25 отсто поевтино.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top