| четврток, 6 декември 2018 |

Јиха: Јас сум капитен на Чешка и ќе играм и како пикер само да го минеме првиот круг

Чешка се посрамоти против Австрија на отворањето на Европското првенство во Данска, а поразот од 10 гола разлика одекна како вистинска ракометна сензација. Чесите одиграа слабо, немаа решенија за црвстата одбрана на противникот, во нападот очигледно им недостасува добар пикер, што Австријците умешно го искористија и ги разбија Јиха и соиграчите со победа од 30-20.

Јиха првпат е капитен на репрезентацијата на Чешка, а дебито во нова улога беше катасрофално лошо за неговата селекција. Тој постигна 6 гола, но двајцата главни пикери Мраз и Синделар ниту еднаш не ја погодија мрежата на извонредниот австриски голман Никола Мариновиќ. Јиха во својот клуб Кил повеќе игра како лев бек, а за репрезентацијата настапува како среден бек.

– Јас сум капитен на репрезентацијата и тоа за првпат, па чувствувам одговорност како предводник на оваа селекција. Ако треба, ќе играм и на пикерската позиција, само да го минеме првиот круг – вели бомбардерот на Чешка.

За нив следниот меч против Македонија во вторник од 18.15 часот е клучен бидејќи со евентуален пораз ќе си ги спакуваат куферите и ќе се простат од настапот на ЕП во Данска.

– Шансите се подеднакви, тоа го кажав и пред да почне шампионатот. Верувам дека ќе најдеме сили да вратиме по поразот од Австрија и со победа против Македонија да го продолжиме престојот во Данска – вели Јиха.

Македонија има негативен скор со Чешка на големите натпреварувања и во квалификациските мечеви. Нѐ победија во Италија во 1998 година кога Македонија дебитираше на ЕП со 38-18, што ни е највисок пораз во историјата. Нѐ надиграа со голема разлика, 33-16, и две години претходно во квалификациски меч откако дома одигравме нерешено 27-27, а имаме уште еден „дебел“ пораз од Чешка во квалификации за СП со 25-43. Во тој циклус следниот противник во Хернинг нѐ победи и на наш терен со 36-31.

По добро го паметиме последниот меѓусебен дуел со Чесите, пред две години во Ниш на ЕП, кога славевме со 27-21 и ги испративме дома како последнопласирани во групата Б. Македонија на тоа првенство го забележи најдобриот пласман со освојување на петтото место.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top