| четврток, 6 декември 2018 |

Трета среќа за Македонија на Европските првенства

Предводени од капитенот Кирил Лазаров по третпат ќе играме на Европските првенства, а иако со многу проблеми и повредени ракометари, амбициите се да го минеме првиот круг во конкуренција на домаќинот Данска, Чешка и Австрија

Повредите на Наумче Мојсоски и Филип Лазаров не сардисаа пред почетокот на Европското ракометно првенство во Данска, проблемите се зголемија и поради строгиот критериум на Европската и Светската ракометна федерација кои не му дозволија на Ренато Вугринец да настапи за Македонија во Данска, но предавање нема во таборот на Ивица Обрван.

Оптимизмот и амбициите навидум спласнаа, што за Македонија понекогаш е и предност. Ќе го почнеме шампионатот денеска како аутсајдери, против домаќинот Данска во Хернинг, а минатото, особено во спортот покажува дека сме имале подобри резултати и пласман кога не сме биле во фокусот на вниманието.

Ракометарите предводени од Кирил Лазаров го потврдија тоа во Србија на претходниот европски шампионат, со извонредна игра и пласман на петтата позиција. Слично беше и со кошаркарите во Литванија на ЕП 2011 година, кога никој не не спомнуваше како кандидат за висок пласман, а се вративме со четврто место и загубен бронзен медал за влакно.

Svetsko-a-nase-4-Kire-Lazarov„Ова е трето големо натпреварување по ред за оваа генерација. Сакаме да бидеме подобри од претходните шампионати и да се надминеме. Предизвик е да се одбрани или надмине петтото место од претходното првенство во Србија. Размислуваме позитивно и веруваме во нешто такво. Верувам и ги почитувам моите соиграчи како личности и како врвни спортисти. Ќе се обидам како капитен да наметнам верба во невозможното, ако воопшто постои нешто такво. Можеме рамноправно да играме против сите“, вели Кирил Лазаров, капитенот на македонската репрезентација. Од него се очекува да го понесе главниот товар во Данска, но без колективен дух и атмосфера мисијата ќе биде тешка.

Ванчо Димовски: Нека биде најтешко со Данска

Во нашиот состав и покрај повредите на Наумче Мојсоски и на Филип Лазаров и неиграњето на Ренато Вугринец има доста квалитетни ракометари, со драгоцено искуство од настапите на големите натпреварувања. Металург е постојан учесник во Лигата на шампионите, Вардар се приклучи годинава во елитното натпреварување, а Ивица Обрван ќе има на располагање и неколку проверени ракометари кои играат во странство.

vanco dimovski„Ќе се обидеме да го надоместиме отсуството на Наумче Мојсоски, кој ќе ни недостасува многу во Данска. Посакуваме да бидеме на едно ниво како во Србија. Знаеме во каква ситуација сме, но сакаме да се претставиме во убаво светло и да се избориме за пласман во вториот круг. Нека биде најтешко со Данска, па потоа нека биде се полесно. Кој не сака медал, но овојпат Скандинавците имаат повеќе шанси во однос на репрезентациите од Балканот и ќе бидат во предност поради подршката на публиката.“, вели за „Република“ пикерот Ванчо Димовски.

Тој е прекален борец со огромно искуство, а на вакви турнири, тоа е драгоцен капитал за секоја репрезентација. Премиерата против Данска закажана за 20,30 часот денеска ќе биде лакмус за можностите на македонската репрезентација, но не и пресуден меч на ЕП.

 ЛИЧНА КАРТА – МАКЕДОНИЈА

Учества на ЕП: 3

Деби: Италија 1998 година, пласман на 12 позиција

Најдобар учинок: Петто место во Србија, 2012 година

Ракометар со најмногу настапи: Стевче Алушевски, 243 натпревари

Најдобар стрелец: Кирил Лазаров, 1067 погодоци

Поединечни признанија на ЕП: Кирил Лазаров прв стрелец на ЕП 2012 во Србија со 61 гол

Во „Јуске Банк Боксен“ арената домаќинот ќе има подршка од грото од 14 илјади навивачи колку што е капацитетот на салата. Тука ќе се играат сите натпревари од нашата А група. Клучни за Македонија ќе бидат дуелите од 18, 15 часот со Чешка на 14. јануари и два дена подоцна со Австрија. Данска ја брани европската круна, а дотаму дотуркаа со среќната победа во последната секунда против Македонија во Белград пред две години. Ние имавме напад за победа, но ударот на Кирил Лазаров го одбрани Никлас Ландин Јакобсен, а потоа за наша несреќа, за само 6 секунди од контра примивме гол од Ханс Линдберг и загубивме со 32-33.

Mirkulovski„Данска е фаворит, а нормално е шансата да ја бараме против Чешка и Австрија. Имаме поголем мотив да одиграме и за Наумче и да го надоместиме неговото отсуство. На ЕП нема аутсајдери, сите репрезентации се квалитетни и ќе одлучуваат нијанси. Добро сме подготвени и се надевам дека ќе го повториме успехот од Србија, па дури и да го подобриме“, ни изјави Филип Миркуловски.

Средниот бек на Металург, заедно со Лазаров кој игра на позицијата десен бек ќе имаат тешка задача да ја покријат празнината на лев бек, по повредите на Наумче Мојсоски и на Филип Лазаров. Во вториот круг, ако се пласираме, право на настап ќе има Немања Прибак, кој доби македонски пасош.

pribak„Се надевам дека соиграчите од репрезентацијата ќе се изборат за настап во втората фаза. Ќе дадам се од себе да ги оправдам очекувањата кои се големи, особено од 2009 година наваму, кога Македонија бележи одлични резултати на големите натпреварувања. Хендикеп е отсуството на Наумче Мојсоски и на Филип Лазаров, секако и тоа што нема да игра Ренато Вугринец, но нема предавање, ниту ќе бараме некакво алиби. Фондот на играчи е помал, ќе бидеме ослабени на бековските позиции, но очекувам да ја минеме првата фаза. Кој не би сакал медал. Сепак во ваква ситуација реално е да бидеме пласирани меѓу петтото и десеттото место“, вели Прибак.

Цел е да одиме понатаму и со што повеќе бодови

Бодовите од првата фаза по групи се мошне важни, бидејќи се пренесуваат во следниот круг. Трите најдобропласирани селекции одат понатаму, а се формираат нови две групи со по 6 репрезентации. Според ждрепката Македонија би играла со ривалите од Б групата, која е една од најтешките, предводена од актуелниот светски првак Шпанија, потоа и некогашниот вицешампион на планетата Унгарија, бронзената селекција од ЕП 2010, Исланд, и секогаш опасната Норвешка. Ако успееме да се пласираме во вториот круг, три од овие четири селекции би ни биле противници. Понатаму се оди според веќе добропознатиот принцип, во зависност од позицијата на табелата се разигрува за пласман на ЕП. Најдобропласираните две селекции од двете групи ќе вкрстат меѓусебе во мечеви за медалите, а останатите играат за пласман од петтата до дванаесеттата позиција.

„Ако се поклопат коцките, можеме да биеме битка и за медали“, оптимист, веројатно и најголем во нашиот табор е десното крило на Металург, Гоце Георгиевски. Тој има посебни мотиви, бидејќи за него ова е деби настап на Европските првенства. Не играше во Србија кога го освоивме петтото место, а сега заедно со клупскиот колега на спротивната крилна позиција Дејан Манасков ќе бидат значајни адути на Македонија во Данска.

manaskov

„Ќе одиме чекор по чекор, а се надевам дека ќе го обезбедиме пласманот во вториот круг. Играме во добра група, во која Данска е фаворит. Можеме да ги победиме Австрија и Чешка. Ќе биде доста тешко да го повториме успехот од Србија, и не би ветувал премногу. Ќе играме и за Наумче и се надевам дека ќе бидеме горди на прикажаното и постигнатото на ова европско првенство“, е изјавата на Манасков за „Република“.

За Македонија турнирот во Данска ќе биде забележан како трето учество на ЕП. Првпат настапивме во Италија во 1998 година и тогаш дебитиравме на големата ракометна сцена со пласман на 12. позиција. Во Србија 14 години подоцна блескавме и за малку ни избега битката за медали. На крајот го прославивме најдобриот пласман во историјата на машката репрезентација со освоеното петто место.

Обрван дебитира на ЕП како селектор

Македонскиот селектор Ивица Обрван ќе дебитира на големите натпреварувања во нова функција, како кормилар на македонската репрезентација. Досега хрватскиот стратег нема такво искуство, бидејќи претходно работеше само во клупскиот ракомет.

ivica-obrvan-

„Целта останува иста, да ја минеме првата фаза, иако сега ќе биде потешко, бидејќи не можеме да сметаме на Наумче Мојсоски и на Филип Лазаров, можеби и без Пецаковски. Би било убаво да стасаме до битката за медали, тоа е цел на сите селекции што ќе играат во Данска. Ние секако ќе одиме на победа на секој меч, иако реално не сме во групата од 4-5 репрезентации кои се главни фаворити за титулата. Во овој момент сме фокусирани само на натпреварите од првиот круг против Данска, Чешка и Австрија“, вели Ивица Обрван.

Тој е единствен во нашата експедиција што има медал од Европските првенства, и тоа како играч. Со Хрватска стаса до бронза на шампионатот во Португалија во 1994 година, а една сезона претходно го освои и златото на Медитеранските игри во Франција.

Б групата најтешка, Хрватска и Шведска со најлесна задача во првиот круг

Б групата во која се наоѓаат Шпанија, Унгарија, Исланд и Норвешка навидум е најтешка од сите четири во првата фаза. Заедно со неа епитетот група на „смртта“ го носи и Ц групата во која се најдоа Србија, Франција, Полска и Русија. Еве го составот на сите четири групи од првата фаза, со напомена дека селекциите од А и Б групите ќе вкрстат меѓусебе во втората фаза, а истото ќе го сторат тррите најдобропласирани селекции од Ц и Д групите. Бодовите од првата фаза се пренесуваат во вториот круг, што значи дека Македонија, ако мине понатаму, во втората фаза би играла само со ривалите од Б групата.

Група А: Данска, Чешка, МАКЕДОНИЈА, Австрија

Група Б: Шпанија, Исланд, Унгарија, Норвешка

Група Ц: Србија, Франција, Полска, Русија

Група Д: Хрватска, Шведска, Белорусија, Црна Гора

Пишуваат: Зоран Поповски, Владо Оцевски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top