Во возбудлив меч, клучен за пласман на Европското првенство годинава во Полска, македонските ракометни кадети ја победија Холандија со 20-19. Завршницата беше неизвесна, за наша среќа со поволен исход за Македонија. Утре ќе треба да го победиме аутсајдерот Грузија и да очекуваме победа или реми на Хрватска против Холандија.
Левото крило на Металург јуниор Давор Павлевски со 7 гола не предеводеше до победата, а ефикасен беше и Крстевски со 5 погодоци. Кај Холанѓаните триото Елисен, Смитс и Де Мат постигнаа по 5 погодоци.
Вчера Македонија загуби од Хрватска со 18-26, а Холандија ја победи Грузија со 36-26. Денеска Хрватите ја декласираа Грузија со 44-14 и си обезбедија пласман на ЕП во Полска.
На Македонија не и одговара победа на Холандија против „коцкестите“, бидејќи во тој случај би се создал круг на три репрезентации со по 4 бода, во кој ние имаме најслаба гол разлика и би испаднале од трката за настап на континенталниот шампионат во Полска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


