Се сеќавам на еден од првите филмски ремек-дела на Федерико Фелини, во кои овој гениј на целулоидни прикаски ја раскажа прикаската за циркуските кловнови со целата таинственост, динамичност, колоритност, трагикомичност и жовијалност на оваа тематика, инспирација и мотив, што големиот маестро на подвижните слики ќе го имплементира во целокупниот свој опус. Животот и хуморот, грдотијата и убавината, и, конечно, надреалноста на овие циркуски светови се дел од целокупниот творечки имагинариум на уметниците кои сакаат да го претстават светот во целокупната своја неспознатливост и парадоксалност. Всушност, кај Федерико Фелини циркусот ќе стане еден вид метафора за светот, за опкружувањето што го спознава и живее самата индивидуа, тоа, исто така, е и живата сценографија, но и целокупниот културен амбиент во кој егзистира и интерактира самата индивидуална свест. Значи, кловновите, во случајот, ја играат ролјата на фантазмагорични суштества, кои, благодарејќи ѝ на уметноста и на творечкиот процес, стануваат видливи и спознатливи за човековото искуство, а, всушност, се битија произлезени од сферите на невидливата егзистенција. Тие би требало да се инкарнати на ангелите и демоните, на најразличните сибилински и бајковити суштества, на чудовиштата од митологијата и на сето тоа што демне во потсвесните ресурси на нашето постоење.
Циркусот, пак, со својата севкупност, цикличност и сферичност го претставува светот или, пак, оперативното поле на кое се соочуваат сите овие носители на карактери и идеи, исто како и во театарот, каде што овој простор за игра и надмудрување добива судбински и историски конотации. Всушност, ако од овој по малку класичен светоглед се префрлиме на современите визури и толкувања на древните иницијациски и гностички ритуали, ќе налетаме на комплексната мрежа од предусловености, амбициозност, утилитаризам, прагматизам, идеализам, опортунизам, интелектуализам, академизам, ескапизам, егзистенционализам и огромна параноја како непрегледен океан, во чие средиште опстанува малиот остров на рационализмот. И токму овој мал остров, на кој се прекршуваат сите овие вектори на силните тенденции на апсурдноста, е храмот на политичкото битие, простор кој поседува ултимативен магнетизам за сите оние освојувачи што создаваат немир и го тормозат нашето спокојно попладне.
Меѓу најегзалтираните, секако, се политички мотивираните кловнови, на кои глупирањето од хоби им прераснало во професија. Таквите ги има многу, а од нивната бесна какафонија совесниот граѓанин често не може да си го најде сонот. Нивната работа е исполнета со пародирање, навреди и клеветење, а целта им е да дискредитираат што е можно повеќе граѓани, за кои мислат дека се некомпатибилно идеолошки ориентирани во однос на нивните беспоговорни знаења и нивните неспоредливи искуства. Покрај тоа, овие кловнови на политичкиот дискурс се и богато наградени за своите псевдоинтелектуални походи против неистомислениците кон кои протагонистите на клеветништвото, овие грди и неподносливи кловнови негуваат манијакални чувства, многу често обилно зачинети со тенденција на констернирачки хомоцид. И токму во овој карактерен сегмент тие се разликуваат од добронамерните циркуски кловнови, кои со својата бенигност и инфантилност само ја наговестуваат можната застрашувачка реалност.
Кловновите на злото, инспирирани со целата тривијалност на нивните личности обеспособени од судбината за каков било вид творештво, ја нашле својата мотивација во баналноста на материјалниот утилитаризам и лажното претставување како еден вид подмолна стратегија, која би ги придвижила нивните бескорисни трупови кон епицентарот на моќта, која со својата харизма и гламур би им го надоместила сето тоа, од што се сурово осиромашени. Пред сè, од способноста за создавање, и како последица од овој ужасен хендикеп, и од способноста за разбирање. Затоа овие амбициозни, но воедно и исфрустрирани кловнови своето засолниште го нашле во редовите на армијата на омразата, а оваа армија не е само ентузијастички клуб на чудовишта во морален, но и во која било друга смисла, туку оваа вооружена со сите субверзивни оружја, орда, е дел од еден добро организиран систем со силно воспоставена хиерархија и поредок. Тоа, всушност, е комплексна компанија, чија главна продукција се еманира во геополитичката и геостратегиската доминација. Ете, на овој циркус му служат грдите и злобни кловнови на грозомората, на убиствениот циркус Саурус.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.