| четврток, 6 декември 2018 |

Добри луѓе

galijana-184x115

Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)

Користејќи се со мимезис на природата, човекот успеа да смисли и да направи бројни помагала, справи и машини за да си го олесни секојдневието. Може за многу кратко време да помине огромно растојание, може да лета, може да ја истражува вселената, да поставува невозможни прашања и да доаѓа до неверојатни сознанија.

Можеби не може да плива подобро од една обична риба или да трча побрзо од гепард, ниту да лета како галеб, особено ако станува збор за Џонатан Ливингстон. Велат дека кога гавранот ќе се обиде да имитира галеб, ќе се удави.

Но, затоа може да направи подморница, авион, тенк, хидроцентрала, ветерница, сателит, па дури и Хигсов бозон. Ако се вика Николас Едвард Кеив, може да го испее најубавиот блуз на светот: Higgs Boson blues.

Што се однесува до технологијата, постои ли некаква нанотехника на голтање пилули од кои се станува отпорен на лошотија, по аналогија на маларија или тифус и соодветна вакцина? Велат дека не постои зло, туку само мутација на генот.

Можеби вакцината ќе те заштити од чума. Но, ќе те направи слаб на настинка…

Како се станува добар човек?

Само немојте да речете, ве молам, со труд и упорна работа бидејќи ќе добиете среден прст во носот наместо трескање врата и учтив одговор: „Не, благодарам“! Познавам многумина коишто упорно и трудољубиво поткраднувале, најчесто од нејзиното величество држава, па не може баш да се рече дека станале добри луѓе…

Добриот човек шири позитивна енергија и со својата радиоактивност го неутрализира злото уште пред тоа да настане.

Не може да се стане добар. Луѓето се раѓаат такви. Но, некои потоа се олошуваат. Добрината е всадена во човековата ДНК. Таа е материјалот од кој се направени луѓето.

Како мислите стануваат стварност?

Ако мислата е добра, и животот е добар. И обратно. Ако не е, привлекува негативности. Прашањето што повеќето луѓе ќе го постават гласи – а зошто тогаш добрите луѓе страдаат? Или, зошто на некои не им се исполнуваат желбите и животот не им тече онака како што посакувале или посакуваат?

Епа, токму тука се крие зајакот. Луѓето се повеќедимензионални суштества.

Во една од тие димензии, постои само таа добра суштина која е во срцевината, во основата на сè. На дното. Она што ние го гледаме како зло, е само манифестација на негативниот електрицитет на умот. Да не е болката, ние воопшто не би го перцепирале злото како зло. Туку како огромно количество енергија. Но, како се искривува нашата перцепција и кој е коренот на стравот, како човекот почнува да се плаши?

Стравот се учи. Најпрво, во својата архаична слика за светот, човекот не е подложен на смрт. Архетипската бесмртност е во суштината на неговото постоење. И тоа не е само проблем на неговото верување, туку супстанцијата од која е направен – вечноста. Човекот не е направен од кал, туку од ѕвезди. Оваа ѕвездена материја плус светлината – ете го фамозното замешателство наречено човек!

Добрите луѓе се раѓаат такви за да можат оние другите да се наѕидуваат врз нив. Другите се секогаш малцинство и секогаш наоѓаат добра основа за нивниот minority report. Добрите луѓе се склони кон депресија.

Тука најголемиот ќар го остварува фармацевтската индустрија со своите волшебни пилули „дијазепам“, со што на малцинствата им се ускратува можноста да организираат тајни терористички акции. Да не заборавиме дека и најмоќните држави (денес) почнале од мали опскурни лаборатории во кои единствениот лајт-мотив бил желбата за ослободување и себереализација. Пљачкањето и асимилацијата на домородците се придобивки на новото време. Да можеше Хариета Бичер Стоу (малата женичка што ја почна новата голема војна) да претпостави дека во втората деценија на 21 век Обама ќе биде на чело на САД и дека колибата на чичо Том ќе биде преместена во Белата куќа, сигурно ќе бевме ускратени за една убава лектира во детството и воспитани во друга насока…

Има ли училиште за да се стане добар човек?

Нема нешто полесно од тоа да бидеш добар…

Не треба да одиш никаде. Не треба да правиш ништо. Само остани како што си и потони во себе. Таму има сè. Има „гугл“. Бебињата, нели, се најдобар доказ за тоа? Нивните први зборови не се ни мама ни тато, туку гу, гу (и евентуално „л“ на крајот). Не поради потеклото на луѓето од птици, од гугутки, туку бебињата од секогаш знаеле дека ќе дојде денот кога мистичните иницијации, тајните друштва и скриените знаења ќе станат минато. Со малку медитација луѓето можат многу брзо и лесно да постигнат големи резултати. Не мора да се каже на латински за да звучи неразбирливо. И на македонски е исто, медитација значи размислување во тишина, восредоточување. Ин медиас рес, во средината на нештата. Само треба да се поврзеш со себеси. И да дојдеш до средиштето, до центарот, до изворот на сè. И Бог ќе даде. Но, ти мораш да се снајдеш додека тој не почне да дава.

Во средината на главата има една интересна жлезда, епифиза. Таа го лачи хормонот на среќата. Се активира кога се изложува на сончева светлина. Затоа луѓето се среќни кога се сончаат. Или добрите луѓе се среќни и без да се сончаат? Или, оние што не се такви, обично се изгорени од сонцето?

Колкава е веројатноста да се случи (нешто) ако долго време не се случува? Добриот човек размислува вака: „Подобро е да не го скинам зеленото јаболко. Кога ќе узрее, самото ќе падне“.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top