Извештајот за Љубаништа, како што истакна Љупчо Аврамовски, стручњак во консултантската куќа „Енвиро ресурси“ е направен врз основа на планската документација што ја добил консултантот на располагање, а во која се предвидени објекти од видот на угостителство, апартмани, парковско уредување и слично, објави „Инпрес“. Се работи за 26,8 хектари земјиште на кое ќе се градат плански содржини, кои подоцна ќе бидат утврдени со урбанистичко планска документација.
Најголемиот дел од планскиот опфат е земјоделско земјиште, а само 3,2 хектари е хидрофилна шума, односно евла.
– Проблемот што го забележавме со увидот на самото место е што просторот од 26,8 хектари е веќе деградиран со присуство на овошни насади, кои се одгледуваат, а тоа значи и присуство на пестициди што се употребуваат и кои завршуваат во водниот ресурс и ги загадуваат подземните и површинските води со производството на нутриенти, нитрати и азот што претставува голем проблем за флората и за фауната во водниот ресурс – вели Аврамовски.
Според него, бенефит од студијата е тоа што таа е изработена со меѓународни консултации, што ќе придонесе албанската и македонската страна почесто да соработуваат и да се состануваат за да ги реализираат сите потпишани билатерални договори.
Планскиот опфат е во зона за одржливо користење, што значи можат да се реализираат економски активности, во однос на домувањето, туризмот, уготителството, но адекватно на подрачјето и на околината.
– Не може да се гради нешто што ќе предизвика проблеми и негативно влијание во заштитата на животната средина – дециден е Аврамовски.
Бенефит од оваа студија, смета тој, е што се иницираа проблемите со реката Черава долга 86 километри, која само во три проценти тече во Македонија, а другиот дел е во сливното подрачје во Албанија.
– Реката Черава не се наоѓа во планскиот опфат, но кога отидовме и направивме увид, утврдивме дека носи огромни наноси. Носи околу 26.000 кубни метри наноси на седименти годишно во Охридско Езеро. Прв бенефит е што се дијагностицираше еден проблем, кој досега се затскриваше. Со извештајот за стратегиска оцена предвидовме некои варијанти како да се реши тој проблем со пречистителна станица поради тоа што реката предизвикува хемиско и механичко загадување на езерото, било со ерозивните наноси, било со поплавите, објаснува Аврамовски.
Според него, туристичката развојна зона што треба да никне на овој потег ќе биде доволно оддалечена од населените места, а, од друга страна, кога би дошло до фазата на градење, препораките се, таквите зафати да не се одвиваат во време кога се мрести охридската пастрмка.
– Во границите на планскиот опфат, при градежните работи, препорачуваме присуство на стручњак, археолог, кој, доколку дојде до ископување на некакви културно-историски остатоци, би ги евидентирал и би дал насоки што понатаму – рече Аврамовски.
Аријан Мероли од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридско Езеро – албанско одделение, на јавната презентација на извештајот праша дали изградбата на објекти на овој потег и најавата за изградба на пат низ планината Галичица, кој ќе ги поврзува Македонија и Албанија ќе го загрози прогласувањето на Биосферниот резерват Охрид – Преспа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.