Голманот на Данска, Никлас Ландин Јакобсен, ја цени ракометната репрезентација на Македонија и особено Кирил Лазаров за кого вели дека е играч од светска класа, а очекува тежок дуел со нас во Хернинг задутре. Данска и Македонија ќе играат меѓусебе на премиерата од натпреварите во А групата, на 12 јануари од 20.30 часот.
„Македонија ќе биде опасен противник, предводена од Кирил Лазаров, кој е ракометар од светска класа. Имаат добри играчи и се слична приказна како и Чесите, кои го имаат Јиха и уште неколкумина добри играчи. Сепак, јануари во Данска ќе биде обоен во црвено и бело, веќе се чувствува ракометната треска и ние имаме обврска да ги оправдаме очекувањата од домашната јавност. Се надевам дека ќе имаме голема поддршка од публиката и дека ќе возвратиме со добри игри на Европското првенство“, вели Ландин.
Извонредниот голман на Рајн Некар Левен го паметиме по лошо бидејќи тој беше човекот што му го одбрани ударот на Кирил Лазаров (постигна извонредни 13 гола на тој меч) во последните моменти од дуелот во Белград пред две години.
Потоа сѐ се одвиваше многу брзо, како на филмска лента, а завршницата беше кобна за нас. Топката на 6 секунди до крајот се одби од Ландин до Рене Тофт Хансен, овој во пад од зад грб ја префли до Микел Хансен, кој му асистираше на Ханс Линдберг за победнички гол и триумф на Данска од 33-32. Завршница за Хичкок, неповолна за Македонија и пресвртница за Данците, кои потоа ја освоија титулата. Македонија заврши како петтопласирана, што е најдобар пласман на машката селекција на големите натпреварувања.
Со Данците имаме неповолен биланс од 0-3 на големите натпреварувања, а нова шанса за прва победа ќе ни биде мечот задутре во Хернинг.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.