Неодамна „Коламбија јуниверзити прес“ (Columbia University Press) од Њујорк ја објави Вашата најнова книга. Кажете ни за што станува збор?
– Книгата е дел од серијата посветена на филозофија и општествена теорија, чиишто уредници се Крестон Дејвис, Клејтон Крокет, Џеф Ролинс и Славој Жижек. Минатата година во оваа серија свои дела објавија Антонио Негри, Алан Бадју, Јулија Кристева, Петер Слотердијк, Џани Ватимо и др. Мојата книга се појави во оваа едиција и кај овој издавач (четврт во светот во областа на хуманистиката) благодарение на поканата на еден од уредниците, кој пред две години и ме посети во Македонија, Крестон Дејвис. Неговиот интерес беше втемелен на тоа што го прочитал објавено од мене на англиски јазик, но најмногу на вниманието што моите текстови го добија на разни меѓународно влијателни филозофски блогови и на полемиките што се одвиваат таму. Во областа на филозофијата и општествената теорија денес, т.н. андерграунд интелектуална сцена, која зазема свој простор кај издавачите на списанија со отворен пристап (open access), во блогосферата и на интернет-полемиките – тие ги обликуваат не само највлијателните полемики туку и претставуваат извор на новите правци на мислата. На филозофијата ѝ е потребна агора, простор и време на постојана расправа за таа да се оплодува и да раѓа нови идеи. За ова не се доволно изолирани статии во стручни списанија што бесплатниот академски труд го продаваат за непристојно високи цени. Расправата е срцевина на филозофијата и на општествената теорија и затоа интернет-сцената сè повеќе станува суштествениот филтер на тоа што е значајно и влијателно во светот на филозофските и на филозофско-политичките идеи. Поканата која дојде од „Коламбија јуниверзити прес“ е доказ за ова.
Како гледате на состојбана „реалното“ денес и кои се вашите идеи што ги претставувате во книгата „Кат оф д реал“ (Cut of the real)?
– Книгата се занимава со статусот на реалното во современата општествена теорија, која е под клучно влијание на постструктурализмот. Во контекст на овој теориски тренд, можноста за мислење на реалноста како категорија по себе е укината. Реалното се смета за ментална конструкција, која е секогаш субјективна и инсистира на неможноста човечкиот ум да произведе чист и совршен одраз на надворешниот реален свет. Конечно, се инсистира на тоа дека „реалното“ е концепт и дека надвор од овој концепт нема никакво „реално“ – сè е само слика за реалното. Мојата книга настојува да произведе нова методска и теориска можност на мислење на надворешниот свет (како ефект на реалното) како надворешен и, со тоа, како „реален“, без да се напуштат определени клучни тези на постструктурализмот (па и на когнитивните науки). Таа претставува придонес кон новите трендови на реализам и кон новиот материјализам без да се навраќа на старите идеи што му претходат на постмодернизмот туку се обидува да мисли отаде него и врз основа на придонесот што тој (постмодернизмот/постстурктурализмот) ѝ го даде на историјата на идеи.
Автор сте на повеќе книги од областа на родовите студии и теориите на феминизмот. Како истражувач и како професор од областа на филозофијата и на родовите студии, едно од прашањата што преокупира некои од Вашите дела, е конституцијата на субјективноста или на посебноста, со други зборови, како се конституира нашето „Јас“... Кажете ни нешто повеќе за тоа?
-Всушност, тоа е централна тема во книгата што е повод за ова интервју, чијшто полн наслов во оригинал е “Cut of the Real: Subjectivity in Poststructuralist Philosophy” (линк до книгата на amazon.com: http://www.amazon.ca/Cut-Real-Subjectivity-Poststructuralist-Philosophy/dp/0231166109). Книгата се надоврзува на постструкруалистичките (постмодерни) идеи – кои се, патем, клучни за современите родови студии – за конституцијата на субјектот како суштински релативен во поглед на општествениот контекст. Според овој тренд, во својата суштина, субјектот е историски релативен и се конституира на начин на кој се конституира и општеството во определен историски момент. Со други зборови, да се биде „јас“ не е исто во средниот век, просветителството и 21 век, не е исто за мажите и за жените, не е исто за класно различните. Идејата на Декарт за некакво чисто умствено „Јас“ е напуштена од постструктурализмот како мистификаторска и метафизичка. Надоврзувајќи се на оваа критика на постструктурализмот, мојата книга настојува да објасни дека релативноста на субјектот во однос на контекстот не го прави субјектот помалку стварен, помалку материјален, помалку реално бидејќи е единствената стварност за себе, која може да ја доживееме. Ова од „произволноста“ и релативноста на субјектот прави судбина бидејќи сочинува отелеснета, материјална, проживеана стварност, која е „живото месо“ на едно „Јас“ (независно од неговата историско-општествена условеност). Постмодерната позиција во поглед на субјектот како суштински нестабилен и трансформативен буди оправдано чувство на анксиозност. Тој совршено се согласува со ерата на неолиберализмот каде што несигурното вработување се воспева како „мобилност“, а сеопштата животна неизвесност (precariousness) во лажен, наметнат оптимизам за можноста од „пресоздавање“ на себеси. Воспевањето на трансформативноста и „флуидноста“ на субјектот не го намалува чувството на анксиозност, на загрозеност предизвикано од нестабилноста и постојаната животна неизвесност. Реализмот што книгата настојува да го воведе се надоврзува на основните увиди на постструктуралозмот, на неговите тези за влијанието на историјата на субјектот со тоа што му ја додава можноста за лоцирање на точката на стабилност, стварност и материјалност среде процесите на трансформација.
Од раководната позиција во Институтот за општествени и за хуманистички науки – Скопје, како и раководител на постипломските студии на оваа институција, често работите на повеќе проекти. Кажете ни нешто повеќе за работата во ИОХН – Скопје?
-Институтот се занимава со применети општествени истражувања, кои во најголема мера се студии на политика. Можноста да се работи чисто емпириско истражување, во кое податоците сами од себе создаваат слика, претставува особено задоволство за мене бидејќи претставува премостување на јазот меѓу теоријата и практиката. Со оглед на мојот интерес за новите форми на реализам, ова премостување, за мене, очигледно, е многу значајно. Институтот е акредитиран за спроведување родови студии, студии на културата и студии на политиката. Студенти и студентки имаме малку на број, но талентот и креативноста што ја имаат нѐ прави извонредно горди и богати со возбудливи интелектуални размени. Заедно со „Европски факултет“ (European Graduate School) и уште два института, Институтот е и партнерска институција на една од најпрогресивните меѓународни високообразовни организации, „Глобален центар за напредни студии“ (Global Center For Advanced Studies).
Пишува: Невена Поповска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Промоција на книгата „Конзерваторско-реставраторски методи и третмани на Охридската збирка икони“од Ангелина Поповска
-
Промоција на книга раскази за Ново маало од Владимир Плавевски
-
Промоција на книгата „Љубовта на Генерал Ш“ од Лира Бојку во Паркот на книгите
-
Промоција на збирката раскази „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“ од Владимир Плавевски