| четврток, 6 декември 2018 |

Додовска: Политички автогол на Заев и Шеќеринска во Брисел

Mеѓународната активност на раководството на  СДСМ деновиве, претставува дел од партиската стратегија за која се определиле и според која сметаат дека ќе добијат резултати во наредниов изборен период, изјави за Курир професорката на правниот факултет „Јустинијан Први“, Иванка Додовска.

Во однос на темата која била предмет на средбата со Филе, мислењето на Додовска е дека истата претставува уште еден политички автогол на Заев и Шеќеринска и со истата не ја исполниле намерата со која веројатно тргнале на зацртаната мисија.

-Она што се вади надвор од фокусот на вниманието, а во суштина е централна тема на разговорите со европските претставници, не е подготвеноста на опозициската СДСМ за решавањето на спорот со името на Република Македонија, бидејќи, македонската влада и Претседателот на Република Македонија истото прашање во континуитет го имаат како приоритет на својата политичка агенда, туку истото прашање се става на маса со цел да се покаже неединството со стратешките интереси на Република Македонија од страна на македонската опозиција, која  во овие мошне тешки времиња со истото прашање си дозволува неумесно да шпекулира и да се наддава како да станува збор за лесна берзанска трансакција – вели Додовска во изјавата за Курир.

Во тој поглед, пораката која се испраќа до македонскиот електорат според неа е мошне провидна и истата укажува на несериозноста од страна на опозицијата во однос на македонската држава, македонскиот народ и пред се на македонскиот идентитет.

-Ваквите постапки би биле оправдани единствено ако станува збор за некое поголемо политичко прашање, но кога се отвара темата за македонското прашање како национално прашање, тогаш истите активности ја надминуваат меѓусебната политичка пресметка и добиваат димензија на сериозна криза и безидејност во опозициските редови – вели Додовска.

СДСМ послушно ги исполнуваше желбите на надворешниот фактор во минатото

Таа смета дека недржењето до принципиелните ставови за името значи потклекнување во наметнатиот спор.

-Видете, СДСМ учествуваше и послушно ги исполнуваше сите желби на надворешниот фактор во минатото. Од промената на знамето и првиот устав во 90тите, па се до монструозниот закон за територијална поделба од 2004 година и така натаму. Ако направиме една проста математика ќе видиме дека овие чекори не не’ внесоа ниту во НАТО ниту во ЕУ, туку само го разјадоа ткивото на македонската унитарност и ја доведоа Република Македонија до клиничка кома. Да се даде сигнал или да се дејствува во насока на промена на уставното име на Република Македонија од страна на поединци или на одредена партиска структура, според мене е недемократски чин со кој се анулира волјата на мнозинскиот македонски народ и истата е на другата стана од дозволената граница  на политичката пристојност и ова се аномалии со кои сериозно ќе мора да се справи македонската опозиција, доколку сериозно има намера да дојде на власт – вели Додовска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top