Македонија во машка конкуренција фати ритам со учествата на Европските првенства во ракомет, а во Данска во јануари ќе настапиме по третпат, вторпат во низа по големиот успех во Србија, кога го освоивме петтото место.
Ждрепката ни се насмевна, бидејќи А групата е меѓу полесните, со еден апсолутен фаворит, домаќинот Данска и два ривали што сме ги победувале, Чешка и Австрија.
Распоредот сакаше да играме веднаш на стартот од континенталниот шампионат на 12 јануари во Хернинг, против домаќинот Данска од 20, 30 часот. Следните два дуели се исклучително важни за пласман во втората фаза. На 14 јануари ќе играме против Чесите од 18,30, додека во истиот термин два дена подоцна ќе ги одмериме силите со Австрија. Сите натпревари ќе се играат во „Јуске Бенк Боксен“ арената со капацитет од 14 илјади места, а првопласираните три селекции ќе се пласираат во вториот круг.
До почетокот на шампионатот има нешто помалку од една седмица, а „Република“ ќе се обиде да ви ги престави ривалите во првата фаза по групи на Македонија.
Данците се фаворити за титулата и стари должници на Македонија
Данците се исклучително силна репрезентација, со две титули европски првак како второрангирана селекција според бројот на трофеите и најдобра по вкупниот збир на медали. Имаат 5 за една повеќе од четирикратниот шампион Шведска, и од Хрватска и Шпанија. Данците имаат пропуштено само еден континентален собир, тој во 1998 година, интересно историски за нас, бидејќи токму тогаш во Италија, Македонија дебитираше на ЕП.
За првпат популарните „викинзи“ ќе бидат организатори на Европско првенство, а се надеваат дека ќе ја одбранат круната од минатиот шампионат во Србија.
Против нас имаат 3 победи на големите натпреварувања, без ниту еден пораз. а особено значаен за нив, а горчлив за Македонија беше триумфот во Белград на 17 јануари 2012 година. На неверојатен начин во последната секунда на асистенција на Микел Хансен, Ханс Линдберг ни даде гол за победа од 33-32, што ни ја одзеде шансата да играме полуфинале против Шпанија.
Главни ѕвезди: Микел Хансен и Ханс Линдберг
Тоа е кобното дуо за нас, што со молскавична реакција во Белград пред две години, ни го уништи сонот за медал.
Хансен има 26 години и игра на позицијата лев бек, иако умее одлично да се снајде и во средината. Тој е еден од најдобрите ракометари на денешницата и го одликува неверојатен репертоар на удари. Бомбардерот на Пари Сен Жермен, годинава на двапати ни беше гостин во Скопје на дуелите со Металург и со Вардар во рамките на Лигата на шампионите, кога не беше на вообичаеното ниво. Но, против Македонија секогаш игра импресивно. На трите натпревари на кои настапи, а бевме поразени со 24-32, со 32-33 и со 30-33, Хансен ни даде вкупно 26 гола. Или редоследно 6, 12 и 8 погодоци. Селекторот Ивица Обрван и неговите избраници ќе мораат да најдат начин да го сопрат 196 сантиметри високиот бек на Данска.
Мошне незгоден за противниците, а клучна алка во брзиот, динамичен и модерен стил на игра на домаќините е десното крило Линдберг.
Тој игра за актуелниот европски првак Хамбург и со 821 гол е меѓу најдобрите стрелци во клупската историја на ХСВ. Можеби овојпат против него се и годините, ги има 32, но се уште игра на врвно ниво. Контрите и полуконтрите му се специјалитет, а лани беше прв стрелец во Лигата на шампионите со 101 погодок и најзаслужен за првата титула на Хамбург. Пред него топ-стрелец во елитното клупско ракометно натпреварување беше Хансен како член на АГ Копенхаген, по што станува јасно колку опасен ќе биде двоецот расни стрелци во селекцијата на Данска.
Јиха е во форма, против Чешка е главната борба
Интересен потег повлече селекторот на Чешка Владимир Хабер, со одлуката конечниот список со 18 патници на ЕП да го објави пред самиот пат за Данска.
Вториот наш ривал во Хернинг имаше мошне успешен квалификациски циклус во најтешката група, каде испадна една велесила каква што Германија. Чесите со 8 бода го освоија првото место со победа од 30-25 во директниот дуел против Црна Гора.
Немаат медал од европските првенства, но се меѓу најредовните учесници на континенталното натпреварување. Во Данска по 9 пат ќе играат на завршниот турнир за титулата европски првак, а имаат пропуштено само 3 вакви собири.
Против нив Македонија го доживеа највисокиот пораз во историјата со 18-38, на ЕП 1998 година, во меч одигран во Болцано, Италија. И две години претходно не прегазија во Чешка со 33-16, откако дома одигравме нерешено 27-27. Од нив имаме претрпено уште еден катастрофален пораз од 43-25 во квалификациите за СП, а и на наш терен беа подобри со 36-31.
По добро го паметиме последниот меѓусебен меч на претходното Европско првенство во Србија. Во Ниш пред полна сала македонски навивачи, пеколната атмосфера не ја издржаа Јиха и соиграчите, па со победа од 27-21, Македонија мина во втората фаза, а Чешка испадна како последнопласирана во Б групата.
Главни ѕвезди: Филип Јиха и Павел Хорак
И кај Чесите ништо драстично не се смени во однос на пртходното првенство, кога Јиха и Хорак им беа главни адути. И двајцата против Македонија во Ниш постигнаа по 5 гола и беа најефикасни, а и овојпат ќе мора да внимаваме на нив.
Јиха има многу поголем рејтинг, а 31-годишниот чешки бомбардер има освоено речиси се во клупскиот ракомет. Беше европски првак со Кил на двапати, во 2010 и 2012, пред 3 сезони апсолутно ја заслужи наградата најдбоар ракометар на планетата, а главно оружје му е разорниот удар. Висок е 201 сантиметар и е вистински разбивач на противничките одбрани. Повредите го мачеа во финишот на 2012 и на почетокот на 2013 година, но Јиха се врати уште подобар. Вистински куриозитет е што тој беше најдобар стрелец во 5 од шесте квалификациски мечеви, а само Собол против Израел, кога Јиха не настапи успеа да се избори за епитетот прв стрелец на Чешка со 6 погодоци. Со 43 гола на 5 дуели, или над 8 по натпревар левиот бек потврди дека е голема ракометна марка.
Хорак игра на истата позиција како и Јиха, па ќе треба да внимаваме на два леви бека, кои се опасни стрелци и играат во силната Бундеслига. Хорак настапува за Фуксе Берлин, а веќе 7 години настапува во германски клубови. Проблем за Македонија е што и Хорак е корпулентен ракометар висок 198 сантиметри, а заедно со Јиха се убиствено дуо што лесно дава голови.
Исландската школа на ракомет клучна за успехот на Австрија
Исландската школа на ракометот е клучна за успехот на Австрија и првиот пласман на ЕП, изборен преку квалификации. Претходно во 2010 година тие беа домаќини на завршниот турнир, и се пласираа директно како организатори. Претходно никогаш не учествувале на континенталните собири и немаат речиси никаква традиција, кога станува збор за машкиот ракомет. Тоа се менува во последните неколку години со именувањето на селектори од Исланд. Скандинавската школа на ракомет, која диктира брза и разноврсна игра, со посебен шмек од Исланд, ја втемели Дагур Сигурдсон, сегашниот тренер на Фуксе Берлин. По него во 2011 година на кормилото на Австрија стаса неговиот сонародник Патрекур Јоханесон. Поранешниот репрезентативец на Исланд умешно ја водеше Австрија во тешката квалификациска група, каде беа и фаворитите Србија и Русија. Со пласман на втората позиција Австријците се запишаа во историјата со прво учество на ЕП, што го обезбедиле по регуларен пат.
Против нас играа во квалификациите за СП 2013 во Шпанија и тоа во бараж дуели. Во Скопје ги надигравме и славевме со 26-21, а во Виена загубивме со 27-30, но поразот имаше сладок вкус, бидејќи Македонија играше на СП во Шпанија, а Австрија си остана дома. Во Данска на 16 јануари нема алтернатива за нас, освен победа над оваа репрезентација, бидејќи бодовите од фазата по групи се пренесуваат во следниот круг.
Главни ѕвезди: Раул Сантош и Виктор Шилаѓи
Презимињата на двете главни ракометни ѕвезди говорат дека ќе имаме судир со интернационален состав, во кој има многу странци, што имаат австриски пасоши, а не се родени таму.
Сантош е роден во Санто Доминго, во Доминканска Република, а од 11-годишна возраст живее во Австрија. Тој е мошне млад ракометар, има само 21 година и суператрактивен стил на игра. Игра на позицијата лево крило, има моќен одраз, одлична техника и е многу брз, па тој од Австријците ќе биде главна закана за противничките одбрани во Данска. На двата бараж натпревари во јуни 2012 година, ни даде по 5 гола.
Шилаѓи е слична приказна како Сантош и тој не е роден во Австрија, туку во Будимпешта, Унгарија, но без разлика на се, одамна игра за австриската репрезентација. Виктор е еден од најдобрите средни бекови во Европа, го владее ракометот во „малиот прст“, но формата му е во надолна линија. Играше за најдобрите германски екипи, Баер, Тусем Есен, Кил, Гумерсбах и Фленсбург, што доволно говори за квалитетите на Шилаѓи. За наша среќа тој е веќе при крај на кариерата, има 35 години и ја нема истата моторика, како пред десетина година.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.







