Обилните снежни врнежи и силниот и студен ветар кои го зафатија североисточниот дел на САД, однесоа најмалку 16 животи.
Повеќето од жртвите настрадаа во сообраќајни несреќи по лизгавите коловози, една жена заболена од Алцхајмеровата болест се смрзнала откога одлутала од својот дом, а еден работник беше затрупан со куп сол, наменет за расфрлање по патиштата. Спасувачките тимови во Њујорк и Бостон патролираат по улиците во потрага по бездомници, кои би можеле да се смрзнат.
Поради обилните снежни врнежи, американските авиокомпании откажаа 2.500 летови. Затворен е меѓународниот аеродром „Џон Кенеди“ во Њујорк, а најдраматична е ситуацијата во државите Масачусетс, Њујорк и Њу Џерси.
Во Масачусетс паднале 53 сантиметри снег. Во северозападниот дел на државата Њујорк во реонот на Рочестер, снежната покривка достигна 46 сантиметри.
Гувернерите на државите Њујорк и Њу Џерси прогласија вонредна состојба во транспортот и ги повикаа граѓаните да останат во своите домови.
Затворени се и училиштата, не работат многу јавни и трговски организации. Гувернерот на Масачусетс објави неработен ден за државните службеници. Метеоролозите очекуваат дека во следните денови температурите би можеле да паднат на
минус 23 степени Целзиусови и оти ветрот би можел да достигне силина од 50 километри на час, а се предвидуваат и нови снежни врнежи.
– Со оглед на тоа дека снежната бура е се посилна и носи големи количини на снег, силно апелирам на сите Њујорчани да бидат внимателни, да избегнуваат патување и да не излегуваат надвор ако не мораат, изјави гувернерот на државата Њујорк Ендрју Куомо.
Снежното невреме претставува прв голем тест за новиот градоначалник на Њујорк Бил де Блазио, кој на должноста стапи пред два дена.
– Подготвени сме, рече де Блазио , но ги повика граѓаните да останат во своите домови, а ако мораат да излезат да користат јавен превоз. Тој соопшти дека на улиците на Њујорк распоредени се 1.700 возила за расчистување на снегот и 450 возила за посипување сол по улиците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.