| четврток, 6 декември 2018 |

Псевдоними

adrapo-sparai-90x115

Колумнист:
Ацо Станковски

Молиер, Марк Твен, Итало Звево, Волтер, Луис Керол, Стендал, Моравија… Големи имиња во книжевноста. Подобро кажано, псевдоними . Овие имиња, кои штотуку ги прочитавте, се лажни имиња (nom de plume, на француски), кои им служеа на писателите да гo сокријат своjот вистински идентитет. Минатата година во весникот „Њујорк тајмс“ еден книжевен критичар пишуваше за тоа на следниов начин: „Постојат три причини поради кои писателите користеле измислени имиња. Првата причина ја имале жените, кои сакале да пишуваат и да ги објавуваат своите дела како и мажите, втората се тајните и нераскажаните приказни, а третата причина е што непознати писатели сакале да ги комерцијализираат своите творби“. Покрај наведените причини, писателите место своето име користеле псевдоним затоа што тоа било мода во одреден период.

Така на пример, Жак Батист Поклен го зема името Молиер. Португалскиот писател Фернандо Песоа (1888-1935) ја разликуваше псевдонимијата од хетеронимијата. Тој користел дури 70 хетероними, објаснувајќи дека ако писателот користи псевдоним при објавувањето на своето дело, тоа значи дека неговата работа не се разликува од неговата личност, но ако користи хетероним, тогаш неговата творечка сила е надвор од рамките на неговата личност.

На кој начин писателите ги избирале своите псевдоними? Некогаш на тоа влијаеле историските случувања. По Првата светска војна, со спојувањето на Трст кон Италија (кој пред тоа бил под владеењето на Хабзбуршката монархија), Арон Хектор Шмиц станува Итало Звево (1861-1928). Алберто Пинкерле (1907-1990) го зел името на баба му по татко (Моравија), додека Луј – Фердинан Огист Детуш (1894 – 1961) го користел името на баба му по мајка (Селин). Имало и такви што ги менувале имињата поради семејни проблеми, како што направил Труман Стрекфус Персонс (1924-1984), кој по тешкото детство го променил своето име во Труман Капоти (се прослави со книгата „Појадокот кај Тифани“ во 1958 година).

Во средината на 19 век во Америка, за да се определи длабочината на реката се спуштал товар врзан за јаже во водата. Кога длабочината ќе била измерена, а таа била доволна за испловување на бродот, следувал повикот „Марк Твен“ (Mark Twain), што значело „длабочината е два фатома“ (3,7 метри). Токму овој сигнал го користел новинарот Самјуел Лонгхорн Клеменс како свој псевдоним.

За своето испловување и за другите авантури на реката Мисисипи, Самјуел пишуваше во своите романи „Доживувањата на Том Соер (1876 година) и „Доживувањата на Хакелбери Фин (1884 година). Во 1863 година се потпиша како Марк Твен. Тогаш почна да пишува за своите доживувања на Мисисипи. Сјаен и ироничен, писателот Твен беше крајна спротивност на новинарот Самјуел Клеменс, кој често имаше самоубиствени намери, за кои надолго се раскажуваше по неговата смрт.

Францускиот писател на романот „Црвено и црно“ и „Пармски картузијански манастир“ објавил 23 книги, но ниту една под неговото вистинско име. Неговото вистинско име било Мари-Анри Бел, но користел дури шест псевдоними по повод објавувањето на своите дела, од кои дури три останале непознати. Другите три се Луј-Сезар Александар Бомбе, Ф. де Леженев и Стендал. Ако, пак, се земат предвид сите псевдоними со кои се потпишани неговите писма, тогаш ги има повеќе од двесте. Од неговата биографија дознаваме дека бил во лоши односи со својот татко, па сакал да го земе презимето на својата мајка, Анријет Гањон, која умрела при породување кога писателот имал седум години. Меѓутоа, името Стендал му донесе најголема слава.

Емили, Ен и Шарлота Бронте се три сестри, кои за првпат се појавија во светот на книжевноста во 1846 година објавувајќи ја заедничката збирка песни. Меѓутоа збирката е објавена под машки имиња – Елис, Ектон и Карер Бел. Наредните години ги објавија и своите први романи – Шарлота го објави „Џејн Ејр“, Емили, „Орканските висови“, а Ен, „Агнес Греј“. Шарлота својот роман „Џејн Ејр“ го објави повторно под машкото име Карер Бел. Сите сакаа да знаат кој е таинствениот писател. Критичарите тврдеа дека сигурно се работи за маж затоа што романот бил многу добар. Идентитетот на Шарлота е откриен во 1850 година и само таа била признаена како писател, кој верно знае да ги прикаже судбините на хероините од своите романи. Да не користела псевдоним, не би можела да го напише следново: „Кога луѓето би можеле да го видат тоа што, всушност, сме, би биле многу зачудени“.

Иако Ромен Гари (1914-1980) на некои луѓе им е малку познат, бил шампион во пинг-понг, воен херој, дипломат и режисер. Исто така, тој е автор и на неколку романи, кои станаа многу попоуларни во Франција. Меѓутоа, неговото вистинско име е Роман Кацев. Роден е во Вилнус, во Литванија, а го одгледала мајка му Нина, која верувала дека син ѝ ќе стане најславниот писател само ако се пресели во Франција, што Ромен и го сторил. Во Франција станува познат и како шампион во пинг-понг. По окупацијата на нацистите (1940 година) ѝ пристапил на војската на Шарл де Гол. Тогаш почнал да го користи псевдонимот Гари. По завршувањето на војната го пишува романот „Европското образование“, кој му донесе голема слава. Кога стана дипломат, се ожени со американската актерка Џин Сиберг. Веќе славен, 1958 година зеде уште еден италијански псевдоним, Фоско Синибалди, под кој објави неколку сатири, а 1974 година почнува да се претставува под името Шатан Богат, за да објави роман со политичка тематика. Таа иста година, на издавачката куќа „Галимар“ ѝ праќа уште една книга, под наслов „Големиот бакнеж“. Оваа книга ја објави под името Емил Ајар. Го замолил својот роднина Пол Павлович да се преправа дека тој е авторот на книгата, но кога Гари поради депресија завршил во душевна болница, Павлович ѝ ја откри на јавноста целата вистина. Една година по смртта на својата поранешна жена, Гари изврши самоубиство, на 2 декември 1980 година.

Уште еден познат писател од тоа време е Луис Керол, англиски писател, професор по математика на „Оксфорд“, логичар и свештеник, чиешто вистинско име е Чарлс Латвич Дочсон. Псевдонимот Луис Керол е англиска варијанта на латинското име Ludovicus Carolus. Го користел овој псевдоним за да го сокрие својот идентитет затоа што неговата книга „Алиса во земјата на чудата“ била посветена на ќерката на ректорот на училиштето, Алиса Лидел. Иако оваа книга го направила славен, Керол не сакал да ги потпишува примероците од своето дело за да не го препознаат неговиот ракопис. Некои податоци говорат дека сакал да фотографира мали деца, посебно девојчиња, поради што имало сомнеж дека е склон кон педофилија. Во последните години од неговиот живот многу се зборувало за тоа, па дури се најдени и писма, во кои се споменува името на мајка ѝ на Алиса и на нејзината сестра. Умрел во 1898 година.

Да беше Ерик Артур Блер од скромно потекло, Џорџ Орвел (1903-1950) не би бил никогаш роден. Младиот Блер беше од аристократско потекло, па се школуваше во најдобрите училишта во Англија, а беше и припадник на славната „Војска на спасот“. Говореше како што говорат аристократите, се облекуваше раскошно, но ги посетуваше и борделите затоа што тука наоѓаше инспирација за своите книги, исто како и Емил Зола. Како што пишуваат некои критичари, сите тие спротивности биле плод на поматениот ум на писателот и новинар, кој беше познат под името Џорџ Орвел. Кога најде издавач за својата прва збирка, во која го опишува блудниот живот во Париз и во Лондон, Блер почнал да го користи споменатиот псевдоним. Тој му помогна да ги избегне критиките и да го држи своето семејство понастрана од животот што го водеше. Името Џорџ потекнува од Џорџ Грисинг (познатиот писател, кој му бил идол), додека Орвел потекнува од името на реката меѓу Сафок и Бедфоршир. Стана многу познат, благодарение на романите „Животинска фарма“ и „1984“. И кај нас, во нашата „животинска фарма“ има неколку инвентивни корисници на псевдоними, кои тоа го прават од чисто креативни побуди, каде што уметничката стратегија е позиционирана надвор од самото дело, поточно во зоните на општествената интеракција, што сведочи за нивната исклучителна исполитизираност. Во случајот, тоа е повеќе поигрување со шизофренијата на современиот културен амбиент, отколку некакво затскривање од јавноста поради преголемата шокантност на нивните творби.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top