| четврток, 6 декември 2018 |

Новогодишна честитка

galijana-184x115

Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)

Секоја Нова година на полноќ срцата на луѓето стануваат „мали примопредавачи на среќа“ низ кои патува сигналот дека животот е тацничка со пространство варијанти.

Сè е можно. Во малиот прирачник за среќа пишува дека од можностите без граница само една се реализира. Се усреќува оној што себеси ќе се намести на таа бранова должина, пред и откако ќе се испрати сигналот.

Среќата е достижна.
За среќа не е потребно многу.
За среќа е потребно малку.
За среќа не треба ништо.
Среќата не се постигнува. Таа се допушта.
Среќата е себеоткривање.
Среќата е присуство во сопственото тело.
Среќата е враќање во детството. Трансплантација на детството на местото на сегашноста.
Среќата е показател за добро домашно воспитување. Оние со „среќно детство“ дури и во време на кризи и војни не се премногу загрижени бидејќи го имаат добриот спомен од детството.
Не е вистина дека среќните луѓе се себични. Тие само се ползуваат со сето време на овој свет за да се доведат себеси во посакуваната состојба. Ако луѓето се врзани садови, сите состојби се прелеваат. Подобро е преку твојот сад да се прелева среќа одошто празнината од нејзиното отсуство. Велат дека најголемата среќа е во тоа да ги усреќуваш другите. Но, за тоа треба најпрво самиот да си среќен. Инаку преку твојот сад се прелева „тоа другото“. На дочекот на Нова година сите се во еуфоричен залет да ја оттурнат од себеси „сенката на злото“, на сметка на краткотрајната веселба. Тоа е „кампањска“ среќа.
Среќните луѓе не се плашат да ја покажат својата среќа поради опасноста од напади на завист. И најмалото зракче среќа го осветлува мракот, макар да е во прашање и црна дупка. Знаејќи го изворот на среќата, среќните никогаш не се кочоперат и не ја сметаат за своја придобивка. Среќата е самиот живот.
Среќата е едно, цело, секогаш и сè, постојано.
Среќата е суштина. Ретко се совпаѓа со формата. Затоа на човекот брзо му здосадуваат формалните честитки.
Среќа е да се сетиш дека сè што се случува некогаш си го посакал.
Среќа е сознанието дека можеш сè. Среќа е да можеш да одбереш што сакаш, а што не сакаш. Не можеш да бидеш среќен ако не знаеш што сакаш. Ако по грешка ти се оствари несакана желба, сфати го својот живот како експеримент. Врати се на почетокот и програмирај друга желба. Сè може да се поправи. Среќата е применета уметност на неуморно поправање. Среќа е да не ја презираш нејзината применливост.
Среќата е една космичка механичарска работилница во која сите души се на поправка.
Среќа е да имаш контрола врз негациите. Најголемата среќа лежи од другата страна на контролата. Отпушти го тегот што за тебе претставува противтежа на желбата за контролата и контролата ќе летне во воздух. Немој да летнеш сосе контролата туку отпушти се и уживај во неконтролираната приземност.
Среќа е кога го знаеш патот.
Патот е за секого посебна среќа.
Среќата е како љубовта. Не се стекнува со штедење, туку со трошење. Колку повеќе ја даваш толку повеќе ја имаш.
Среќа е кога враќајќи се дома по новогодишната забава, од почеток до крај на улицата сите семафори светат зелено. Среќата е еден навидум неважен синхроницитет што те буди од нигде никаде.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top