Во близината на клучката за Камењане на автопатот Тетово – Гостивар вчера се случиле три слични сообраќајни несреќи во кои три возила удриле во кучиња скитници.
Полесно повредени се три лица меѓу кои и едно петгодишно дете, а вкупната материјална штета се проценува на околу 60 илјади денари.
Портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски денеска информираше дека првата незгода се случила вчера околу еден часот по полноќ кога патничко возило „форд мондео“ со гостиварски таблички удрило во куче скитник. Возилото со кое управувал 32-годишниот А.А. изгубило контрола и удрило во бетонски ѕид при што со повреди се здобиле возачот и сопатниците 32-годишниот Ѓ.А. и петгодишно дете. Тројцата се пренесени во гостиварската болница и по укажаната лекарска помош, се пуштени дома.
Нешто подоцна, речиси на истото место, патничко возило „голф“ со гостиварски ознаки управувано од С.Д.(49) удрило и усмртило куче, но во овој случај нема повредени. Последниот ваков случај е регистриран вчера околу 11 часот и 30 минути при што патничко возило „цитроен“ со кичевски таблици управувано од А.В (32) удрило во куче.
Екипа од СВР Тетово извршила увид на местото од несреќите и работи на расчистување на случаите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.